Адвокатот кој го демонтираше случајот Сопот

Вулнет Пачуку успеа да ја докаже вистината, за да победи правдата и да се разобличи еден од дефектите на правосудниот систем

Процесот за повторување на постапката за Сопот, кој конечно во понеделнкиот заврши со повлекување на обвинението, траеше 10 долги и неизвесни години.

Правдата победи, невино осудените граѓани ќе остварат право на штета кое некако можеби ќе ја надомести делумно штетата што ја претрпеа, а одговорноста ќе ја понесат виновниците за овој монтиран судски процес, во кој инволвирани се лица од УБК, кој направиле сценарио за целиот случај во стилот на режисерот Спилберг.

За жал ова не е ваков прв случај. И во минатото, многу граѓани биле жртви на монтирани судски процеси од полицијата или власта, за кои гонеле јавни обвинители, а судовите изрекувале драконски казни.

Сопот како правосилно завршен судски предмет, се возобнови и повтори, заради упорноста на еден посветен адвокат и борец за човекови права, Вулнет Пачуку.

Вулнет Пачуку е адвокат веќе петнаестеина години во Скопје. Познат е по неговата одмереност, стручност и упорност во остварвање на правата на неговите клиенти. Потекнува од позната правничка фамилија со традиција, а неговиот татако Фатон Пачуку е познат пензиониран врховен судија, кој работеше на предмети од областа на казненото право.

10 години траела борбата на овој храбар Адвокат со системот, во која тој успеа да го повтори судењето на целиот предмет одново, иако дел од обвинетите веќе имаа издржано затворски казни или сеуште ги издржувале.

Во разговор за Судство.мк, адвокатот Пачуку изјави дека неизвесно било повторувањето на постапката, но заради цврстите докази и неговата непоколеблива воља и упорност да ја докаже невиноста на неговите клиенти, успеал да ја извојува, оваа до сега за него најтешка професионална битка, која според него и неговите колеги е успех за целата адвокатска заедница во државата.

Деталите за оваа судска постапка и се познати на јавноста. Петнаесет жители на селото Сопот, беа обвинети и осудени за наводно поставување на мина, од која животот го загубија двајца војници на НАТО. Единствен доказ на страна на обвинението, односно во постапката е исказ од заштитен сведок, кој бил мачен неколку дена во објект во селото Банско крај Струмица, се со цел да даде лажна изјава со која ќе се докажело сторувањето на кривичното дело. Впрочем единствено и на тој доказ се засновала истрагата и прогонот од страна на обвинителствата и на тој доказ се засновале пресудите на кривичниот суд и на повисоките судови. Без докажана умисла, без докажана свест и воља, без мотив и без претходно било каква инволвираност или осудуваност во некоја друга постапка на било кој од обвинетите.

Но, Пачуку не само што успеа да ја докаже вистината и да ја извојува правдата за неговите клиенти, туку со тоа успеа да разобличи еден од  дефектите на правосудниот систем.

Заштитениот сведок  во истрагата наводно изјавил дека дента кога се случила погибијата на војниците на НАТО, тој имал улога да чува стража. Но, всушност тој бил на гости во Србија кај свои роднини и се вратил наредниот ден. По два дена на sверско мачење и тепање за да ја напише и потпише изјавата бил примен во истражниот затвор „Скопје“. Оваа мерка му била определена бидејќи бил осомничен не за Сопот туку за фалсификување банкноти?! Додека два дена бил тепан и мачен, во неговиот дом МВР извршил претрес, каде била наводно најдена фалсификат банкнота од 100 евра, која сега со новите сознанија била веројатно подметната.

Веднаш откако бил примен во затворот кај Шуто Оризари, бил прегледан од затворскиот доктор кој констатирал хематоми и подливи, а притвореникот се жалел и на болки во мускулите, со што се докажува дека бил навистина тепан.

Пачуку успеал да обезбеди доказ, дека заштитениот сведок, поминал на граничниот премин Табановце, во утринските часови пред да се случи кривично правниот настан и се вратил наредниот ден, а успеал преку судот да го обезбеди и лекарскиот дневник и извештај на затворскиот доктор од Шутка.

Со вакви непобитни докази дека единствениот доказ со кој располагало обвинителството е расипан плод, кажано правнички, се утврдило и дека постапката била „труло дрво” .

После ваква голема победа, Пачуки на раат може да ја чека одлуката на Министерството за правда со која ќе се определи износот за оштета. Верува дека државата ќе биде доволно доблесна и ќе им досуди разумен надомест на неговите клиенти со кои малку од малку ќе може да се надомести штетата која ја претрпеле тие и нивните семејства. Вообичаената пракса  за висина на оштета е 50 евра од ден поминат во притвор или затвор за неосновано осудени или притворени, која е смешна во однос на реално претрпената штета. Пачуку се надева, дека оштетата ќе биде значајно повисока, посебно затоа што државата и буџетот имаат право да бараат и регрес од страна на директните виновници за голготата на овие невини луѓе, а во спротивно ќе поднесе тужба за надомест на штета, со која веруваме дека ќе успее да го оствари правото на неговите штитеници, како што успеа да ја докаже и нивната невиност.

Но главното, вели Пачуку е тоа што, после овој случај верува дека никој нема да се осмели да ја злоупотреби својата службена положба и да прави монтирани пријави. Верува дека со епилогот од оваа постапка, судиите ќе се охрабрат да носат повеќе ослободителни пресуди за предмети каде нема докази, што за жал ретко е пракса.