Адвокатот на осудените во „Сопот“: Не можам да кажам дека сме задоволни со износот – Претходно барале 12 000 денари

Адвокатот, Вулнет Пачуку, кои ги застапуваше пред суд неправедно осудените во „Сопот“, вели дека не може да рече дека е задоволен со износот со кои ќе бидат отштетени неговите клиенти.

– По тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет, се појаснува во денешното соопштение од владината прес-служба.

Тужителите на почетокот бараа по 12.000 денари од ден.

-Секако дека нема цена за осум до десет години поминати во затвор и притвор, колку што поминаа овие неправедно осудени. Но таков е стандардот во судската пракса во Македонија. Не можеме да кажеме дека сме задоволни, но сме согласни со овој износ. Односно и самите тужители се согласија поради што беше потпишана предлог спогодба – вели Пачуку.

Во март лани, по 15 години, обвинетите во случајот „Сопот“ беа конечно слободни, откако Специјалното јавно обвинителство објави дека го повлекува обвинението , бидејќи нема докази дека тие го сториле делото за кое беа осудени на затворски казни. По ова, судот донесе решение дека обвинението е повлечено, со што постапката во овој случај е завршена.

Обвинетите тогаш изјавија дека се задоволни што успеале да ја докажат својата невиност, иако чекале цели 15 години.

Обвинителката Катица Јанева рече дека дел од предметот е уште во предистрага.

-Се работи за меѓународна правна помош со блиска соседна држава на Република Македонија. Се бара начин како да се земе исказ од одредени лица кои можат да придонесат за уврдување на  сторителот за ова кривично дело, изјави Јанева