Бегова: Кривично дело не сторил само таксистот, туку и Богоевски

Во врска со случајот со пратеникот Павле Богоевски, во кој беше објавена нелегална снимка од телефонски разговор од кој се слуша како Богоевски нелегално договара набавка на масло од канабис, адвокатката Анита Бегова за Слободен Печат вели дека има неколку прашања од кривично-правен аспект што треба да се одговорат.

– Прво треба да се одговори дали Богоевски, покрај таксистот кој нелегано го снимал, го пријавил и лицето од кое нелегално набавувал масло од канабис. Второ, ако навистина имало потреба за некоја пријателка да се набави нелегална супстанца, зошто тоа не го направил некој од нејзиното семејство. Прашање е и зошто пратеникот законот го крши на толку лефтерен начин и набавката си дозволува да ја договара во такси. Нејасно е и што точно значи тоа „пола“. Кога се во прашање нелегални супстанци обично се однесува на пола доза од нешто. Исто така, прашање е и зошто пратеникот кој крева рака за носење на закони во Собранието, толку лесно се решава да ги прекрши – вели Бегова за Слободен Печат.

Таа додава и дека за да се расчистат дилемите во јавноста, можеби е добро Богоевски да се реши да направи нарко-тест.