Бегова по најавената жалба на СЈО: Нема суд во светот па ниту во Македонија што ќе донесе осудителна пресуда за вакво неоправдано поднесено обвинение

Судот ги ослободи од вина Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, кои беа обвинети за бесправна градба во случајот „Тревник“ на СЈО.

Судијката Марија Клетничка Марковски, на денешното изрекување на пресудата за „Тревник“, кажа дека делото за кое се обвинети не е кривично дело.

Обвинителката Елизабета Јосифовска рече дека СЈО ќе се жали на првостепената одлука според која Драган Павловиќ Латас и неговите двајца браќа денес беа ослободени од обвинение, односно не беа прогласени за виновни во случајот „Тревник“.

Адвокатката Бегова се согласи во текот на денешниот ден да ги даде нивните завршни зборови во случајот „Тревник“ од кој детално може да се види дека обвинетите се невини.

„Нема суд во светот па ниту во Македонија што ќе донесе осудителна пресуда за вакво неоправдано и правно неиздржано поднесено обвинение“, изјави адвокатката Бегова веднаш по најавата за жалба од страна на СЈО.

Во случајот „Тревник“ обвинетите се товарат бидејќи од јули 2012 до 2013 година спротивно на закон граделе без одобрение во општина Зелениково на сопствено земјиште. Откако започнале со градба поднеле барање за издавање одобрение за изградба на викенд куќа до општината, прикривајќи дека градбата веќе е почната.