Бизнисмен од Македонија загина во сообраќајка во Хрватска

Од силата на ударот бил предизвикан проблем со снабдувањето со струја – осум кабли за струја биле прекинати, како и оптичкиот кабел, што предизвикало прекин и на интернетот, но и на телефонските линии.

Македонски бизнисмен и неговиот пријател од Загреб загинаа во страшна сообраќајна несреќа којашто се случила викендов во центарот на Медулин, најпознатото туристичко место на Истра, Хрватска.

Според тамошните медиуми, во несреќата што се случила во 2 часот по полноќ, животот го загубиле 47-годишник од Загреб, кој управувал со возилото „форд мондео“ и 43-годишниот совозач – негов бизнис-партнер од Македонија. Тие со огромна брзина удриле во столб за осветлување, а потоа и во разводната кутија, предизвикувајќи прекин во снабдувањето со струја, како и во телефонската мрежа.

Хрватските медиуми, повикувајќи се на неофицијални информации, известуваат дека 47-годишникот од Загреб бил на службен пат во Истра, заедно со неговиот бизнис-партнер од Македонија. Имал сопруга и три деца. Двајцата загинале на местото на настанот.

Од силата на ударот бил предизвикан проблем со снабдувањето со струја – осум кабли за струја биле прекинати, како и оптичкиот кабел, што предизвикало прекин и на интернетот, но и на телефонските линии. Бил предизвикан проблем и при работата на банкоматите и ПОС-уредите во некои од околните дуќани.

 

Извор 24sata.hr