Би се кандидирал за Претседател на АКРМ, кога би добил поддршка од мнозинството на сите запишани членови во АКРМ, а не од дваесетина делегати

Александар Тортевски беше споменуван, како иден претседател на Адвокатската Комора. Тој е веројатно адвокат со најдолг стаж од сите кои се споменуваат како можни претседатели на комората.Познат во фелата како одличен бранител во кривични предмети и остар критичар на сите општествени аномалии. За Судство.мк, ги откри причините за неговата одлука да не се кандидира за Претседател на Комората.

Р.С. Колку време работите како адвокат и дали сте специјализирани за некоја област од правото?

А.Т. Во правосудството сум веќе 36 години, од кои 33 како адвокат. Работам и познат сум како кривичар или бранител во кривични постапки.

Р.С. Кои се проблемите со кои се соочува адвокатурата?

А.Т. Адвокатурата како уставна категорија е патосирана во изминатиов период. За сметка на нотарите, изгубивме значаен дел од делокругот на активности. Во Кривичните постапки, адвокатите се миноризирани во однос на спротивната страна, обвинителите. Адвокатурата остана нереформирана, заради ситни интереси на поединци кои последниве дваесетина години ја окупираа Комората како приватна своевина. Комората остана без соодветен простор, што е трагично имајќи во предвид дека е една од најстарите комори во Македонија. Не се организираат доволно обуки за адвокатите кои се неопходни за професионалниот развој на секој адвокат. Комората преку избраните функционери и службите, нема капацитет да учествува на јавни повици за проекти финансирани од меѓународни институции и амбасади, преку кои проекти нејзините членови ќе се стекнеа со нови знаења, искуства и вештини. Сето тоа придонесе јавноста да има се пониско мислење за нас како фела. Падот на угледот на нашата професија и на нас како адвокати е основниот проблем со кој се соочуваме.

Р.С. Кое е вашето мислење за Статутот и другите акти на комората?

А.Т. Можам да зборувам само за Статутот на комората, а не и за актите, имајќи во предвид дека тие не се јавно објавени. Јас последниве дваесетина години, ниту еднаш не сум добил покана, да учествувам во работата на органите на комората. Ова од причина што, сите избори во Комората и воопшто работата на Комората е нетранспарентна, затоа што тоа така им одговара на поединците кои ја запоседнаа Комората. Тие поединци комората ја користеа за своја лична афирмација и профит, а не за развој на адвокатурата. Делегатскиот систем во 21 век е несоодветен. Ова дотолку повеќе што денес во ера на интернет, изборот на кандидати за управен одбор треба да се врши од сите членови на комората по електорнски пат. Собранието само треба да ги верификува одлуките на членовите на Комората.

Р.С. Зошто не се кандидирате за член на У.О. а со тоа и дополнително да имате можност да ве изберат за Претседател на Комората?

А.Т. Изборот за член на У.О. го вршат делегатите. Изборот на делегатите е спорен. Тие се избрани на крајно нетранспарентен начин, во рок пред собранието кој не е во согласност со Статутот на Комората. Ваквиот мој избор би бил спротивен на Статутот и на мојот личен и професионален кредибилитет. Би се кандидирал за Претседател на АКРМ, кога би добил поддршка од мнозинство од сите запишани членови во АКРМ, а не од дваесетина делегати, избрани спротивно на статутот.

Р.С. Какви програми или реформи, сметате дека треба да се превземаат за подобрување на состојбите во адвокатурата?

А.Т. Треба да се променат системските закони. Адвокатите како прогресивна сила во секое општество учествуваат во креирање на сите законски решенија. Кај нас само се праќаат законските текстови на мислење до Комората и тоа само оние кои директно го тангираат нашето работење, а не ретко и тоа мислење не се зема во предвид. Адвокатите се дел од правниот систем исто како судиите и обвинителите и нивната положба не смее да се дозволи да биде маргинализирана. Треба да се врати угледот на професијата, преку професионален ангажман и однос на сите членови на комората. Тоа е возможно само со едукација и обуки.

Р.С. Што сметате дека може да направите за адвокатурата?

Со мојата работа и личен ангажман како адвокат повеќе од три децении, мислам дека за адвокатурата веќе сум направил многу, но сметам дека треба и може уште многу, ако за тоа постои воља кај мнозинството од моите колеги.

Р.С. Дали сметате дека изборот на новите членови на У.О. ја изразува вољата на целокупната адвокатска заедница?

А.Т. Не. Зачуден сум што има луѓе кои и понатаму сакаат да ја злоупотребуваат Адвокатската Комора, притоа не почитувајќи ги елементарните правила. Мислам дека најчесно би било органите да се бираат непосредно, електронски, а Собранието и Управниот Одбор само да го потврдат тоа гласање. Сега, член на управен одбор, а со тоа и можност за претседател на комората се станува со дваесет гласови поддршка, наспроти три илјади адвокати.Ниту сум известен дека ќе се одржи Собрание, ниту ми е доставена покана за делегатски избор или за собрание за избор на членови на управен одбор. Целиот процес е злоупотребен и узурпиран од страна на неколку лица во Комората.