Бомбите за “Тревник” исто како и обвинението правно дискутабилни

На денешното рочиште по предметот Тревник, во доказна постапка беа изведувани аудио записи од телефонски разговори на Драган Павловиќ Латас. Со обвинението Латас и неговите браќа се товарат дека во периодот од Јули 2011 до 2013 граделе без одобрение за градба. По првата пуштена доказна снимка, реагираше одбраната, со суштински приговори во однос на тоа дали може да се слушаат аудио записи кои датираат пред периодот за кој обвинетите се товарат со обвинението, а од чија содржина не се утвдрува некаква противправност и инкриминираност. Одбраната тврдеше дека овие докази се непотребни и служат единствено да ја обременат и одолговлечат постапката, што според нив е и цел на СЈО заради немање на правна оправданост за поднесување на ова обвинение. На ваквите наводи на одбраната, со доза на ароганиција реагираше Фатиме Фетаи, импутрајќи на неколку пати нејзини мислења во однос на одбраната и нивните забелешки, на што бурно реагираше адвокатот на обвинетите Анита Бегова, која го замоли судот да не дозволува таков однос на обвинителката Фетаи, потенцирајќи дека во судницата се одвива судска расправа за која има кодекс на однесување, а не реалити шоу!

Судот не го прифати ваквиот предлог на одбраната, на што Адвокат Бегова реагираше дека ако како доказ во оваа постапка можат да се користат аудио записи кој се пред периодот на обвинение, а од нивната содржина не се утврдува никаква противправност, предложи да се сослушаат сите 60.000 разговори на Латас со кои располага СЈО. Ова затоа што ако се дозволува да се слушаат бомби пред перидот на инкриминираните дејствија без било каква содржина што упатува на некаква противправност, нека не се слушаат неколку туку иљадници.

Во денешното преслушување на бомбите, се преслушааа 30-ина од 137 телефонски разговори кои се однесуваа на договарање на цени за изградба на викендиците, рамнење на земјиштето и слично помеѓу Латас и управителот на фирмата изведувач на наводните бесправни градби.

Она на кое досега не добивме одговор од СЈО е зошто нема обвинение и за бесправно градење против ова лице кога согласно Кривичниот законик, одговорноста за бесправното градење ја сносат не само инвеститорите, во случајов браќата Павловиќ, туку и изведувачот.

Р.С.