Брнс: Северна Македонија е пример за тоа како треба да функционираат државите

Кога станува збор за иднината на Западен Балкан времето е навистина погодено, а Северна Македонија е пример за тоа како треба да функционираат државите. Патот не беше лесен и не е целосно завршен, но јасно ја покажува улогата на оваа држава во регионот.

Ова, како што истакна на денешната дебата организирана од „Економист“ во Скопје, американската амбасадорка Кејт Брнс, ќе биде и пораката што до земјава ќе ја упати и државниот секретар Мајк Помпео за време на посетата на Северна Македонија најавена за в петок.

Ќе биде истакнато, како што рече Брнс, и членството на Северна Македонија во НАТО како 30-та членка откако ќе заврши процесот на ратификација на протоколот.

Таа нагласи дека САД се навистина фокусирани на мирот и стабилноста на Балканот, што, како што нагласи, беше овозможено и со „храбрите чекори“ на Грција и на Северна Македонија со постигнувањето на Преспанскиот договор, кој на останатите во регионот им покажа како може да се решаваат одредени спорови.

Брнс нагласи дека Договорот веќе дава резултати во соработката меѓу земјава и Грција во одбраната и економијата и отвора за перспективи за соработка и во енергетиката.

Стабилноста на овој Договор, членството во НАТО и евентуалното членство во ЕУ им покажа на инвеститорите каде е добро да инвестираат. Од перспектива на САД Преспанскиот договор беше одличен момент не само за државите потписнички, туку и за целиот регион, но Северна Македонија ја чека уште многу пат, решавање на случаите на корупција, воспоставување на владеење на правото и на сите вредности на демократијата и стабилни институции без разлика на политичките ветрови. САД остануваат ангажирани во регионот. Ние го познаваме и ја признаваме важноста на овој регион и сметаме дека Договорот е навистина огромен чекор, но не смее да останете опуштени, туку треба да продолжите на патот на реформите, а САД остануваат ваш верен партнер, порача американската амбасадорка Брнс.