ВО НАШАТА ЗЕМЈА СÈ СЕ ПРОСТУВА АМА УСПЕХОТ НИКОГАШ

Интервју со адвокатката Анита Бегова, бранител на Драган Павловиќ Латас во случајот на СЈО „Тревник“.

СУДСТВО: Адвокатке Бегова, дали за вас како бранител на обвинетите во предметот Тревник, беше очекувана денешната ослободителна пресуда?

Анита Бегова: Уште со отварањето на истрагата, колешката Светлана Савиќ и јас на колегите во СЈО им ги објаснивме нашите аргументи како бранители дека немаат дело и да не поднесуваат обвинение, меѓутоа тие упорно не се откажуваа.  Пресудата за мене беше очекувана дека ќе биде ослободителна иако стравував дека судот може да потпадне под притисоци на јавноста и на општата состојба во државава.

СУДСТВО:  При непостоење на дело, зашто сметате дека СЈО, поднесе обвинение против Латас и неговите браќа?

Анита Бегова: За постапки кои немаат правна оправданост, постои само еден одговор, а тоа е или правно незнаење или политички или бизнис интерес.Така беше, така за жал и уште е. Сметам дека браќата на Латас се колатерална штета, а причините заради кои се поднесе ова обвинение против него е веројатно да се замолчи, бидејќи во тој период позната беше и неговата политичка определба и начинот на известување како новинар.

СУДСТВО:  Каков беше вашиот однос со СЈО во тек на постапката.

А.Б. Да бидам искрена, јас бев еден од најредовните протестирачи кои им даваа подршка на СЈО во нивната работа, која на почетокот беше опструирана. На почетокот тргнаа многу професионално, со што во целост ја добија мојата поддршка и наклонетост и како нивна колешка и како граѓанин на оваа држава. Меѓутоа со тек на времето, почнаа да ја губат мојата доверба, заради нивните помпезни пресови, со кои уште во истражна постапка ги дискредитираа осомнчените без донесена правосилна пресуда, непромислени изјави кои не беа од правнички или демократски туку од инквизаторски карактер. Сето ова, кај мене едноставно предизвика разочарување.. За жал ова мое разочарување го делат и многу други колеги од правната фела.

Во текот на постапката, имавме коректен колегијален однос со колешката од СЈО, иако истата пробуваше да ја искомплицира и одолговлечи, што не беше во интерес на одбраната, бидејќи на непостоење на сторено кривично дело, наш интерес беше што поефикасно и поекономично да се тера оваа постапка.

СУДСТВО:  Дали бевте многу ангажирана со овој предмет?

Анита Бегова: И покрај непостоењето на кривичното дело, овој предмет изобилуваше со огромен доказен материјал кој никако не беше поврзан со битието на делото. Сето тоа бараше време и ангажман за да се изанализира и сумира за што и колешката Светлана Савиќ и јас бевме поприлично посветени. Ние двете сме познати по упорноста, студиозноста и темелноста во работењето. Одлично функционираме како тим и во други предмети кои сме ги завршувале успешно.

СУДСТВО:  Пред 2 дена постиравте еден статус на ФБ кој подигна низа лавини, ваш коментар за тоа?

Анита Бегова: На почетокот на оваа постапка, при давање на воведни зборови, јавно ги замолив сите присутни новинари, да го пратат текот на постапката со внимание и за тоа да ја информираат соодветно јавноста. Ова од причина, што Латас и без пресуда беше осуден од судот на народот на Facеbook, а од таквиот суд нема полоша правда. Но новинарите, очигледно пристрасни кон СЈО, а не кон вистината, откако по  преслушаните бомби видоа дека нема никаква спектакуларност, едноставно не доаѓаа на закажаните раасправи. Речиси пред крајот на постапката, една новинарка која видовме дека обвинителката ја брифираше пред судница, изнесе такви невистини и квалификации за нашата работа во нејзин текст објавен во еден неделник, од што и јас и мојата почитувана колешка бевме запрепастени. На последната расправа која беше закажана за СЈО и одбраната да дадат завршни зборови, немаше ниту еден присутен новинар во судската сала. Обвинителката започна да ги чита завршните зборови, а веќе на интернет портали имаа објавено текстови во кој пишуваа како да се присутни во судницата и го интерпретираа во скратена форма нејзиниот завршен збор. Ова е спротивно на секоја добра новинарска пракса,  а е огромен минус и за СЈО кои замислете си, завршниот збор пред да го дадат во суд го споделиле со новинарите што само по себе претставува повреда на начелото на официјалност и непосредност на постапката. 

Кредо на новинарската професија е точно и навремено информирање на публиката . Затоа новинарите се најдобар сојузник на јавноста. Меѓутоа во оваа судска постапка јавноста намерно беше погрешно информирана со цел да се поведе јавен линч против обвинетите, а со тоа и судот да потпадне под влијание и на немање на дело, да донесе некаква осудителна драконска казна за да се задоволат страстите. Верувам дека од овие причини, судот денес кога ја соопштуваше пресудата, замоли доследно да биде пренесено образложението на пресудата, за да разбере доследно јавноста зошто Латас и неговите браќа се  огласени за невини во оваа постапка.

СУДСТВО:  Што очекувате по оваа пресуда, откако СЈО најави жалба?

Анита Бегова: Очекуваме истата да биде потврдена и на повисокиот суд, бидејќи на непостоење на кривично дело, нема суд што може да ги огласи за виновни обвинетите. 

СУДСТВО: Како вие се чувствувате како бранител по оваа пресуда?

Анита Бегова: Личната и професионаланата сатисфакцијата за извојувана правда, после секоја ослободителна пресуда во предмети во кој сум бранител, неможам да ја скријам. За мене правото и адвокатурата  се професионална определба, а правдата е моја животна посветеност. Истовремено очекувам и ниски удари и репресии во разни форми и од различни страни, бидејќи во нашава земја се се простува, ама успехот никогаш. 

СУДСТВО: Какво е вашето мислење за други постапки што СЈО ги води?

Анита Бегова: Принципиелно не коментирам постапки кои се во тек и постапки во кој јас не сум вклучена како бранител, но, би сакала на колегите Адвокати кои застапуваат во тие предмети да им порачам да не се откажуваат и да се борат за правата на нивните клиенти. Некаде пишуваше дека сите обвиненија на СЈО мора да завршат со осудителна пресуда. Ние како бранители со колешката Савиќ, денес го срушивме тој мит, а борбата продолжува и понатаму од нашите колеги Адвокати.

Во продолжение линк од завршните зборови на Адвокат Анита Бегова за предметот Тревник.