ВРХОВЕН ОДЛУЧИ: Морина нема да биде екстрадиран во Србија

Врховниот суд денес донесе одлука со која Томор Морина нема да биде екстрадиран во Србија.

-Врховниот суд донесе решение по предметот заведен под Кр.бр.30/2019 со кое го потврди решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје КИОК-КС.бр.252/19 од 07.08.2019 година, кој одлучил дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на лицето Т.М., државјанин на Велика Британија и на Република Косово, се вели во соопштението од Судот.

Во образложението на решението од судот е наведено дека Морина, чија што екстрадиција се бара, е државјанин на Косово и на Велика Британија, а не државјанин на Србија.

-Додека пак, кривичното дело за кое се бара екстрадиција на лицето е сторено на територија на Р.К., ставено под власт на Обединетите нации со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации S/RES/1244 (1999) од 10.06.1999 година, независно од 2008 година, која независност е признаена и од страна на Република Северна Македонија. Поради тоа, согласно со одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја и од Европската конвенција за екстрадиција со Првиот и Вториот Дополнителен
протокол во врска со Законот за ратификација на Третиот доолнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција и Законот за ратификација на Договорот меѓу Република Македонија и Република Србија за екстрадиција, судот нашол дека не се исполнети законските претпоставки за екстрадиција на лицето Т.М., стои во решението кое целосно може да го прочитате ТУКА.