Груевски, Јанкулоска и Поповски присутни на денешното рочиште за „Тенк“

Адвокатот Боро Тасевски на почетокот побара да ги добијат во аудио форма прислушуваните материјали кои во овој предмет ќе се користат како докази. Според него, СЈО до овој момент не ја докажа својата надлежност во постапувањето по овие предмети.

Во Кричниот суд денеска продолжи судењето за предметот на СЈО „Тенк“, во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Груевски, Јанкулоска и Поповски присуствуваат на денешното рочиште што го води судијката Добрила Кацарска.

Адвокатот Боро Тасевски на почетокот побара да ги добијат во аудио форма прислушуваните материјали кои во овој предмет ќе се користат како докази. Според него, СЈО до овој момент не ја докажа својата надлежност во постапувањето по овие предмети.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која Министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

Јанкулоска за да го исполни барањето, пак, го поттикнала обвинетиот помошник-министер Ѓоко Поповски да стори кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Возилото од Министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

За набавката на мерцедесот јавноста дозна од разговорите кои ги објави опозицијата.

Апелацискиот суд Скопје, како што објави МИА, на 8 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори за набавката на мерцедесот да бидат доказ во судењето за случајот „Тенк“.