Да се биде Претседател на АКРМ, значи да се служи на општиот интерес на сите членови а не алатка за зголемување на сопствениот ангажман

Пред претстојното сoбрание за избор на нови членови на Управниот одбор и прв човек на Адвокатската комора на Република Македонија, Судство.мк. без фаворизирање, ќе ги претстави сите досега најавени кандидати за нов лидер на Комората преку нивни идни потези кои треба да се направат за да се издигне фелата на европско ниво. Од џентлменски аспект, прво од серијалот интервјуа кое го објавуваме е со единствената дама во трката за претседател, Наташа Трпеновска адвокат од Скопје.

Р.С. Колку време работите како адвокат и дали сте специјализирано во некоја област од правото?

Н.Т. Во адвокатурата сум веќе 26 години, а адвокат 23 години непрекинато.Како управувачки партнер во Адвокатско друштво Трпеноски вршам надзор и координација на колегите кои по пат на специјализација ги покриваат сите области од правото.Лично, предмет на интерес ми е корпоративното и кривичното право.

Р.С. Кои се проблемите со кои се соочува адвокатурата?

Н.Т. Недоволната авторитативност и дигнитет на самата професија. Обемот на ингеренциите. Нееднаквоста со другите учесници во правосудниот систем. Недостиг на комуникација и транспарентност помеѓу членовите и Комората се само некои од проблемите.

Р.С. Какво е вашето мислење за Статутот и другите акти на Комората?

Н.Т. Потребна е ревизија и промена на актите на Комората заради ефектуирање на организацијата, јасно дефинирање на правата и обврските и последиците кои произлегуваат од нив.

Р.С.Што ве поттикна да пројавите амбиции за член на управен одбор на комората, а дополнително и Претседател на Комората?

Н.Т. Ме мотивира можноста нешто да се стори повеќе во еснафот. Да вложам дел од моето време во интерес на адвокатската заедница. Заедно со колегите да го сменам кон подобро статусот на адвокатите при секојдневното вршење на својата дејност низ судските и другите правни “лавиринти”. Да се изедначиме со другите учесници со цел да обезбедиме квалитетна правна помош, да пружиме правна сигурност, да ја зголемиме довербата во правосудството.Знам дека има многу квалитетен кадар и кај адвокатите кои треба да ја добијат својата фер шанса.Сметам дека конечно е време да се даде личен пример, да се вложи повеќе напор наместо да се критикува од место.Ако не се вклучев во оваа можност за промена, го губам правото на критика и сносам одговорност кај генерациите кои следат и кои се вљубеници во адвокатурата.Подобро ќе се чувствувам ако пробам.Ме предизвикува и фактот што Комората од основање до сега ја воделе само мажи.Сакам да пратам силна порака дека момците и девојките кои адвокатурата ја бираат како професија имаат исти можности! Јас сум целосно реализирана како адвокат. Немам намера позицијата Претседател да ја користам за самопромовирање, како што верувам дека и колегите противкандидати тоа го мислат, за добивање ангажмани од јавни и државни претпријатија и институции. Да се биде Претседател на АКРМ значи да се служи на општиот интерес на сите членови, а не алатка за зголемување на сопствениот ангажман.

Р.С. Каква програма или реформи сметате дека треба да се превземат за подобрување на состојбите во адвокатурата?
Н.Т. Зголемување на обемот на ингеренциите на адвокатите преку интервенција во матерјалните закони.
Ревизија на актите на Комората.
Пооштрување на критериумите при упис- адвокатурата да биде избор а не прибежиште.
Интеракција и подршка со членството.
Секојдневна комуникација со сите институции каде се обавува адвокатската дејност.
Јакнење на еснафот преку зголемување на моралните и етички вредности на адвокатите и континуирана едукација и размена на искуства.
Се што е извесно дека ќе допринесе да се зголеми дигнитетот на оваа исклучителна професија.
Конечно и практично: да се обезбеди сопствени простории на Комората во која членовите ќе се чувствуваат комотно; да користат литература; да разменуваат мислења; да даваат предлози; да критикуваат; да се остваруваат средби. Да имаме свој дом.
Р.С.Што сметате дека може да направите за адвокатурата?

Н.Т. Сето ова за што зборував претходно ќе се обидам да го реализирам со подршка и заедничка работа со колегите.Сакам да допрам до сите колеги, да ги ислушам нивните проблеми, да им дадам шанса да се прикажат во најдобро светло.Да стојат со високо исправена глава кога се претставуваат дека се адвокати!Ќе се обидам на адвокатурата да и го обезбедам местото кое и припаѓа!

Р.С. Дали сметате дека избoрот на членови на управниот одбор, ќе биде соодветен на вољата на целокупната адвокатска заедница?
Н.Т. Искрено се надевам. Инаку, тоа ќе биде јасен знак дека адвокатурата тоне многу длабокко, дека нема никаква воља ни надеж нешто да се смени.