Дескоска: ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување корупција

Министерката за правда, Рената Дескоска-Треневска рече дека за нив е неприфатливо да се формира Национален совет за борба против корупцијата, затоа што тоа би значело паралелизам во дејствувањето и би ја разводнило работата на антикорупциската комисија.

Уште еднаш апелирам до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да бидат свесни за значењето на Законот за спречување корупција и да се откажат од одредени барања коишто ги имаат, коишто треба да придонесат за намалување на значењето, улогата и надлежностите на ДКСК. Она што реално е проблем во нивните амандмани е условот за забрана за политизација на членовите, односно спречување одредени членови што биле политички активни изминатиот период или биле донатори на политички партии, да не бидат членови. Понатаму, барањето да се тргне надлежноста за увидот во банкарските сметки на функционерите. Ова денеска гоизјави министерката за правда, Рената Дескоска-Треневска во однос на собраниските амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Законот за спречување корупција и судирот на интереси има и такви со кои се бара да се тргне надлежноста на идните антикорупционери да вршат увид во банкарските сметки на функционерите.

Од ВМРО-ДПМНЕ поднеле амандман со кој се бара контролата на финансирањето на политичките партии да не е во надлежност на ДКСК.

– Сметам дека тоа се барања што не може да бидат удоволени. Ако бидат удоволени тоа ќе значи носење на закон што нема да биде согласно препораките на Европската комисија, што е неприфатливо за нас како Влада – рече Дескоска.

Министерката за правда посочи дека за нив е неприфатливо и барањето да се формира Национален совет за борба против корупцијата, бидејќи тоа би значело паралелизам во делувањето и работата на Антикорупциската комисија.

Говорејќи за амандманите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова законско решение, Дескоска рече дека дел од амандманите може да бидат прифатени, но оти најголемиот дел се неприфатливи.

Министерката за правда очекува безрезервна поддршка од целиот Парламент за носење и на Законот за судови што веќе има позитивна оценка од Венецијанската комисија и, како што додаде, таа оценка укажува дека сите нивни препораки се имплементирани, како и на Законот за прекршоци со кој се намалуваат казните и глобите за граѓаните и за фирмите.