Заев: Уставните измени денеска во Службен весник, не е потребен потпис на Иванов

Премиерот во неколку наврати го користеше името Република Северна Македонија иако уште не е стапен во сила Договорот, а причина за тоа, како што рече, е да укаже на сериозноста на одлуката што е донесена во Собранието.

На денешната прес конференција одржана во Владата, премиерот Зоран Заев најави дека следната седмица Министерството за надворешни работи ќе испрати нота до Министерството за надворешни работи на Република Грција со цел да ги извести дека делот од процесот, што произлезе од Договорот од Преспа, што се однесуваше за Македонија е завршен. Тоа ќе се случи бидејќи уставните измени за Договорот од Преспа, што беа изгласани вчера во Собранието, денеска треба да бидат објавени во Службен весник на Репрублика Македонија.

– Верувам дека уште на почетокот на идната седмица со објавувањето во Службен весник денеска на донесените вчерашни одлуки ќе ја испратиме нотата од нашето МНР до МНР на Грција да знаат дека е завршен нашиот процес. Веднаш после тоа тие влегуваат во нивниот процес за ратификација на Договорот, а веднашп после тоа и за ратификација на протоколот за членство во НАТО. Со тоа стапува во сила Договорот од Преспа. Следува нашата обврска да пуштиме писмо до сите земји во светот за одлуката што ја донесе македонскиот Парламент, тоа е дел од обврската од Договорот и тоа ќе го направиме – рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Според него, за стапување во сила на уставните измени не е потребен потпис од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

Тој во неколку наврати го користеше името Република Северна Македонија иако уште не е стапен во сила Договорот, а причина за тоа, како што рече, е да укаже на сериозноста на одлуката што е донесена во Собранието.

– Да, спомнав, за да сфатат граѓаните, првин од устата на премиерот, за сериозноста на одлуката што е донесена во нашиот Парламент. Договорот стапува во сила откако ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент. Примената е јасно опишана внатре. За меѓународна употреба стапува веднаш, за домашна употреба со отворање на поглавјата не повеќе од пет години е опишано детално. Но дефинитивно, тоа е решението кое го прифативме и кои ги отвора перспективите на целиот наш народ и нашата земја – истакна премиерот Заев.