Зафировски: Актуелниот шеф на Антикорупциска ја финансирал ВМРО-ДПМНЕ

Наместо во Собранието на Македонија да се оценува, предлага и избира составот на ДКСК врз основа на интегритетот, стручноста и компетенциите на кандидатите, изгледа дека основен критериум е партиската лојалност. Од лично искуство знам дека во стручната служба на ДКСК има многу постручни и покомпетентни кадри од тие што се членови на комисијата, вели поранешниот претседател на оваа комисија, Воислав Зафировски.

Според законот за функционирање на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) неа треба да ја сочинуваат лица со професионален ангажман, но тие се со дискутабилна стручност и компетентност за вршење на таа работа. Во својата работа тие треба да бидат независни, особено ако се има во предвид дека нив ги избира Собранието по предлог на Комисијата за прашањата на избори и именувања.

Меѓутоа, наместо во законодавниот дом да се оценува, предлага и избира врз основа на интегритетот, стручноста и компетенциите на кандидатите, изгледа дека основен критериум е партиската лојалност. Впрочем и актуелниот претседател ја има финансирано изборната кампања на партијата која го постави на таа позиција. Од лично искуство знам дека во стручната служба на ДКСК има многу постручни и покомпетентни кадри од тие што се членови на комисијата. Ова за Судство.мк. го вели поранешниот претседател на оваа комисија, Воислав Зафировски.

Правникот Зафировски целиот свој работен стаж го има минато во борбата со корупцијата и криминалот. Иако е дипломиран правник, тој е поранешен професор во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста „Елисие Поповски-Марко“ во Идризово крај Скопје. Подоцна напредува во работната кариера во МВР и во јавноста станува познат како шеф на Внатрешната контрола на полицијата, за да на крајот од работната кариера во МВР со чин началник е именуван за шеф за односи со јавноста. На 11 април 2014 година е избран за председател на ДКСК.

Но, набргу почнува да и „пречи“ на сега веќе поранешната политичка структура во Македонија кога на 1 август 2011 година ДКСК до Управата за јавни приходи поднесува иницијатива за испитување на имотната состојба на 30 лица од судската власт откако Комисијата по случаен избор извршила проверка на стотина анкетни листови. На една од своите први конференции тој ќе истакне дека „во периодот од објавувањето на изборите до формирањето на Владата, Комисијата доставила 161 укажување за прекршување на Законот за спречување на корупцијата во врска со вработувања или јавни набавки“. Набргу по јавно искажаните ставови на ДКСК, уследува негово разрешување без законски основ.

Како поранешен антикоруоционер, Зафировски вели дека ДКСК согласно своите законски надлежности има право да направи проверка на веродостојноста на презентираните податоци на секој поединец што има законска обврска да поднесе анкетен лист, без разлика на неговата функција и позиција во законодавната, извршната или судската власт.

Господине Зафировски, кој сé е должен да соработува со ДСКС за да може оваа институција да има целосен увид во имотната состојба на избраните и именувани функционери кои законски се обврзани да достават анкетни листови до комисијата?

– Институциите кои водат бази на податоци за одреден вид на сопственост или учество во сопственост (акции, удели и сл.), како што се Централниот регистер, Агенцијата за катастар, МВР и други, должни се по барање на ДКСК да достават прецизни податоци за сопственоста на имотот со кој располага некој носител на јавна функција или член на неговото семејство и тие податоци да се споредат со прикажаните во анкетниот лист.

Во периодот 2011/12 година беа направени такви проверки за околу 800 лица по случаен избор од различните столбови на власта – законодавната, извршната и судската, како на централно, така и на локално ниво. Во таа смисла беа констатирани бројни и сериозни разлики меѓу тоа што е пријавено во анкетниот лист и фактичката имотна состојба на поединци, меѓу кои имаше и лица од судската власт – тврди Зафировски.

Дали ДКСК во сите такви случаи постапувала согласно Законот за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси?

– За сите тие случаеви беа поднесувани прекршочни пријави, а воедно за тоа се известуваше и Републичкиот судски совет, како и Републичкиот совет на јавни обвинители. Исто се постапуваше и со лицата од законодавната и извршната власт, доколку се констатираше дека има разлики меѓу пријавениот имот и оној фактички постојниот. ДКСК е должна да постапи на идентичен начин без разлика за кого се работи, од кој столб или ниво на власта е носителот на јавната функција, што ги вклучува и првите луѓе на тие столбови, вклучувајќи го и претседателот на државата. Во оваа насока постои проблем кој е суштински.

ДКСК објективно нема ниту технички, ниту човечки ресурси перманентно да ги следи сите анкетни листови, не само додека подносителите се на позиција, туку и после нивното заминување од функцијата.

Токму тука се крие суштинската нефункционалност и лошата ефективност на Законот за спречување на корупцијата и спречувањето на судирот на интереси. Од тука нужно е да се направат измени во него, да се заострат мерките кон прекршителите на овој закон и со него, низ фер постапка да се ограничи правото за вршење на јавна функција на лицата што нема да го прикажат сиот свој имот во анкетниот лист.

Исто така, во оваа смисла, неопходна е измена во делот на спречување на судир на интереси, во смисла да се предвидат мерки пред се кон тие што именуваат и поставуваат лица на функции или позиции знаејќи дека со тоа ги ставаат во состојба на судир на интереси, а потоа да се заострат мерките и против тие што прифаќаат функции или позиции со кои се доведуваат во состојба на судир на интереси – тврди екс шефот на Антикорупциска.

Како го оценувате работењето на ДКСК во последниот период?

– Во изминатите пет години ДКСК е мошне затворена кон јавноста. Последната прес конференција која имаше континуитет во информирањето на јавноста за преземените мерки на ДКСК беше одржана во април 2012 година. Работи нетранспарентно, без идеја што и како натаму, без јасна визија за начинот и методите за справување со корупцијата. Во таа насока и актуелната Државна програма за спречување на корупцијата е донесена не транспарентно, без вклучување на поширок круг луѓе и експерти од разни општествени области, што беше вообичаена пракса до 2011 година.

За борба против корупцијата е потребна пред сè политичка волја, потребна е ефикасна и ефективна работа на институциите на државата, а тоа во последните десетина години Република Македонија го нема. Во таа насока и ДКСК е дел од тој етаблиран а не ефикасен систем. Токму затоа, неопходни се итни реформи во вкупниот систем, реформи на кои Република Македонија се обврза во 2001 година со потпишувањето на договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ, а кои упорно ги глуми сиов овој период. Впрочем, клучната причина за тапкањето во место на Република Македонија е отсуството на суштински и сеопфатни реформи во општествениот, политичкиот и економскиот систем.

Станува збор за процеси, не за нешто што се решава со административни решенија. Тие процеси бараат правна рамка, креирање општествена клима и амбиент, гаранции за успех и одржливост на тие процеси. Одговорноста за сето тоа, несомнено е во законодавната и извршната власт. Треба итно да се престане со практиката на штанцање закони во скратена постапка, без анализа за потребата од нив, без проверка на нивната компатибилност со етаблираниот правен систем, без јавна дебата, особено на стручната јавност, како што треба да се престане и со менувањето на постојните законски решенија без да им се даде шанса низ практиката да бидат проверени – потенцира Зафировски.

Автор
Горан Наумовски