Избор на претседател на комора без програма која ќе ја образложи е непримерен за денешницата

 

Звонко Давидовиќ е адвокат од Скопје, посветен на кривичното право. По објавата на неговата кандидатура за член на управен одбор и претседател на адвокатската комора, разговаравме со него околу состојбите со адвокатурата и неговите планови за реформирање на адвокатурата.

Р.С.Колку време работите како адвокат и дали сте специјализирани за некоја област од правото?

З.Д. Адвокат сум веќе полни 18 години, а повеќе од 30 години сум по судниците како правник. Од 2011 година формирав адвокатско друштво Давидовиќ Јанковиќ кое вработува повеќе лица што ми овозможи да се посветам на кривичното право.

Р.С. Кои се проблемите со кои се соочува адвокатурата?

З.Д. Адвокатурата е дел од правосудниот систем  и е дел од општеството и со самото тоа се соочува со сите оние проблеми кои децении наназад го разјадуваат нашето општество. За среќа, адвокатурата најголемиот дел од  предизвиците успеа да ги надмине со исправена и крената глава без да добие најразлични епитети и без да го наруши својот углед.Ова не значи дека адвокатурата нема проблеми и дека не постојат работи кои можат да се подобрат и унапредат. Напротив, огромно е полето на кое може да се дејствува како на законодавен така и на образовен и кадровски план. Адвокатурата е уставна категорија за разлика од многу други институции кои се појавија изминативе 20 години но истата е маргинализирана, односно постојани се обидите да се маргинализира и тоа од страна на судството но и од страна на законодавната и извршната власт. Еден од класичните примери е Академијата за судии и обвинители која воопшто не е предвидена и за обука на адвокатската фела иако истата е нужно и нераскинливо поврзана со правосудниот систем. Вториот пример, а ги има многу и заради просторот и времето ќе изнесам само неколку, е тоа што со измена на законските решенија адвокатите не можат да конкурираат и да станат судии и обвинители и покрај тоа што најголемиот дел од адвокатската фела е многу постручен, поспремен и морално и принципиелно е над судиите и обвинителите. Најголемиот дел од адвокатската фела е заслужен за настанатите промени во општествениот и политичкиот живот затоа што изминатиов период гласно и јасно укажуваа на проблемите со кои се соочува судството а со тоа и општеството додека судиите молчеа а молчат и денес. Уште еден од проблемите со кој се соочува адвокатурата е постојано зафаќање во делокругот на работењето на адвокатурата и негово прелевање во други институции или органи (нотари, медијатори…). Надриписарството е уште еден истакнат проблем со кој се соочува адвокатурата а државата и институциите на државата не превземаат никакви дејствија за спречување и санкционирање на истото и покрај тоа што оваа појава не само што ја тангира адвокатурата туку и граѓаните и правната сигурност. Не постојат никакви олеснувања или бенефиции за адвокатите и покрај тоа што адвокатурата е уставна категорија и се применуваат двојни аршини при донесување на законски решенија а еден од примерите за тоа е ДДВ-то кое нотарите не го плаќаат а адвокатите се задолжени со истиот данок.

Р.С. Што ве поттикна да пројавите амбиции за член на управен одбор  комората, а дополнително и Претседател на Комората?

З.Д. Веќе долго време јавно укажувам на проблемите со кои се соочуваме и ние и граѓаните кога е во прашање судството, правдата, правичноста и правната сигурност. Сметам дека со моето делување сум успеал да укажам на некои проблеми и можни решенија за истите па сум сигурен дека како Претседател на АКРМ би можел многу повеќе да сторам за унапредувањето на адвокатурата но и на правниот систем воопшто.

Р.С. Каква програми или реформи сметате дека треба да се превземат за подобрување на состојбите во адвокатурата?

З.Д. Како што веќе наведов многу може да се превземе и тоа на различни полиња за подобрување на состојбата во адвокатурата. Еден од начините е секако дејствување на законодавното поле со предлагање на законски решенија но и учество во изготвувањето на истите во врска со адвокатурата но и со целокупниот правен систем затоа што адвокатурата е нераскинливо поврзана со истиот. Тоа веќе се прави, далеку е од задоволително, но почнува да се размислува и да се предлагаат законски измени на законите кои се однесуваат на сето она на што имавме забелешки до сега, самостојноста на судиите, нивната одговорност, избор, разрешување итн. Секако потребна е измена и на законот за адвокатурата и на другите закони со кои ќе се овозможи и гарантира учество на адвокатите во сите тела кои влијаат на реформите на правниот систем, но и гарантирање на можност адвокатите да можат да бидат бирани за судии и обвинители.

Р.С. Какво е вашето мислење за Статутот и другите акти на Комората?

З.Д.Нужно да се измени начинот за избор на делегатите во собранието на АКРМ, членовите на Управниот одбор и Претседателот затоа што ваквиот начин на избор не соодветствува со слободоумноста на адвокатурата и е остаток од стариот систем кој овозможуваше встоличување на луѓе во претседателската фотеља со многу малку гласови на адвокатите. И не само тоа , ваквиот начин за избор на делегати и членови на УО и Претседателот без кандидатура и програма која ќе ја образложи е непримерен за денешницата, а неможноста секој од адвокатите да го даде својот глас за кандидатот создава чувство дека некој таму некаде избира наместо нас цело раководство за кое незнаеме ништо.

Р.С. Што сметате дека може да направите за адвокатурата? 

З.Д. Она што е потребно да се направи за адвокатурата е прво сите адвокати да ја сметаат комората за своја и истата да ја подржуваат сплотени околу заедничките проблеми и идеи, а не разединети околу разликите. Адвокатската комора нема соодветен свој простор што е голема срамота за една од најстарите институции во државата и тоа е уште еден проблем кој ќе мора во најкус можен рок да се реши со доделување на државен простор во кој адвокатурата како една од виталните институции за правниот систем ќе може непречено да работи.

Перманентната обука и остручување на адвокатите се уште едно од битните и итни прашања кои мораат сериозно да се разгледаат и решат што поскоро. Уште многу би можело да се зборува за адвокатурата и актуелните проблеми но истите ќе се решаваат, се надевам, со учество на сите адвокати и нивните предлози и идеи.

Р.С.Дали сметате дека изброт на членови на управниот одбор  ќе биде соодветен на вољата на целокупната адвокатска заедница?

Сметам дека овој пат изборот на членови на управниот одбор мора да ја претставува вољата на целокупната заедница, во спротивно малцинството кое што владее со комората веќе подолго време, ќе покаже дека не е за реформи.