ИНТЕРВЈУ Оливер Спасовски: Местото на полицијата е меѓу граѓаните

Ова е само почеток на враќањето на довербата и угледот на министерството. Позитивните промени ќе следуваат. Прашањата од надлежност на министерството се сложени и исклучително чувствителни, но тоа не нѐ плаши, напротив, тоа е нашиот предизвик, вели министерот за внатрешни работи.

Подготви
Горан Наумовски

о Почитуван министре Спасовски, повеќе од десет месеци сте на позицијата прв човек во МВР. Можете ли да ни дадете еден сублимат за општата состојба која ја наследивте во оваа институција, дали откривте неправилности и незаконитости, дали во МВР беше очигледна, како што велеше дел од јавноста, партизацијата на одредени раководни позиции и дали сега може да се каже дека МВР започнува да му служи на народот, на даночниот обврзник од кого зема плата, наместо како во претдходниот период, граѓанинот да има страв од МВР?

– За начинот на кој било водено ова министерство јавноста беше запознаена преку објавените телефонски разговори. Последиците од таквиот начин се очигледни. Нарушен систем на кариера, несоодветни профили поставени на клучни раководни позиции. Многу често главниот критериум по кој се унапредувале вработените била партиската лојалност и послушност кон одреден круг на функционери од власта. Затекнав долгови, но затекнав и расипничко трошење на буџетските средства.

За само десет месеци, оваа слика успеавме да ја промениме. Започнавме со сериозни реформи, кои имаат за цел да го вратат угледот на министерството, но уште поважно – да ја вратат довербата кај граѓаните. Не е едноставно да се навикнеме да ги почитуваме правилата во општество во кое правилата по правило биле прекршувани. Но, со силна волја сѐ е можно.

Ставот на раководството на МВР е дека само задоволна и мотивирана полиција и вработени можат да ја гарантираат безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Токму затоа и започнавме со реализација на проекти за подобрување на работните услови. При крај е набавката на униформи за полицијата, започнати се и во тек се реновирања на објекти за потребите на службите, во тек се постапки за набавка на опрема која ќе им служи на специјалните единици.

Истовремено, свесни за несоодветното однесување на вработените, кое во минатото не само што било толерирано, туку и поттикнувано, превземавме сериозни активности за зајакнување на капацитетите на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. Работиме на јакнење на нивната независност и елиминирање на политички или лични влијанија врз нивната работа.

Го направивме клучниот чекор, без никаков притисок, се откажавме од контролната улога на УБК во системот на следење на комуникациите. На предлог на министерството, на УБК ѝ се одзеде посредничката улога за прислушкувањето, со чија помош изминатиот период беше направена најголемата, историска злоупотреба на оваа институција. И тука немаме сомнеж, ниту каење. И ова е само почеток на клучната реформа која следи, реформата на безбедносните служби. Која ќе биде нивната позиција, кои овластувања и надлежности ќе ги имаат, моделот за реформа, која ќе биде нивната главна улога во стратешките планови и заштитата на државата се само дел од прашањата на кои треба соодветно одговориме. Но, не само министерството, туку сите активни чинители во општеството.

Но, ова е само почеток на враќањето на довербата и угледот на министерството. Позитивните промени ќе следуваат. Прашањата од надлежност на министерството се сложени и исклучително чувствителни, но тоа не нѐ плаши, напротив, тоа е нашиот предизвик.

                                                                 Безбедноста нема цена

о Прославата на последната Нова година, освен трагичната сообракајка во Велес, од медиумите беше одбележана како најбезбедна во последните две децении. На улица за прв пат беа присутни голем број на припадници на силите за безбедност. И после два месеца, се чувствува присуството на полицијата на улиците, а со тоа значително е намален и криминалитетот. Дали планот на МВР е конечно полицијата да излезе, како што вели народот, од станица и кафеани, да започне да се грижи за безбедноста, да се вратат позорникарите?

– Местото на полицијата е помеѓу граѓаните. Улогата е да се заштити државата и сите граѓани, а не поединци или одделни групи. Позорната служба е дел од новата политика на министерството, што веќе започна со имплементација. И резултатите се видливи. За целосно имплементирање и функционалност на оваа политика, неопходно е да се зголеми бројот на униформирани полицајци.

Несоодветната кадровска политика, која повеќе се засновала на лични преференци, а не на анализа и проценка, доведоа до сериозен недостаток на униформирани полицајци. Токму затоа и минатата година распишавме конкурс за нови полицајци, кои наскоро треба да започнат со обука. Ќе направиме напори, без да предизвикаме оптоварување на буџетот, да ги зајакнеме капацитетите на полицијата.

Ангажаманот на полицијата понекогаш е повеќе видлив, односно полицијата е почесто присутна на терен. Тоа е во зависност од проценките и околностите. Не сакаме да предизвикаме непотребен страв и паника кај граѓаните, но нашата превентива улога е да се обидеме да спречиме непријатни ситуации кои би имале негативни последици во општеството.

о Во последните 12 години, милиони евра се слевале од државниoт буџет за потребите на МВР. Сепак и ден денес е јасно, според низата реакции на полицајците, дека пари во МВР се трошело за сѐ, само не за подобрување на општиот работен стандард на припадникот на МВР. Јавноста имаше можност да слушне дека после шест години за прв пат е купена нова работна облека за припадниците на Шестата управа на МВР. Полициските синдикати се жалеа на немање облека и на нечовечки услови во некои полициски станици. Кој е оперативниот план на МВР за подобрување на условите за работа на полицајците? Дали оваа влада планира зголемување на буџетот за МВР и на платите на припаднииците на МВР?

– Во министерството сѐ уште се во тек внатрешни истраги за начинот и износот на кои биле трошени милиони евра. Запрепастува фактот што на толку силна кампања во изминатите 12 години, јас се соочив со проблеми на вработените кои не биле решавани, туку само наталожувани.

Во еден ден во ова министерство треба да се изменаџираат неколку процеси: непречено издавање на лични документи, функционирање на системот на казнување на прекршоци, сообраќајната дисциплина, гарантирање на јавниот ред и мир и следење и справување со глобалните предизвици и закани, како што се тероризмот и насилниот екстремизам. И сето ова чини пари. Безбедноста и сигурноста на државата и граѓаните се скапа инвестиција, но драгоцена.

И затоа, кога се планира буџетот, за некои ставки не се преговара и договара, зашто функционирањето на државата нема цена. Затоа, свесни за ограничените финансиски ресурси, средствата ги распределуваме пред сѐ онаму каде што е суштински и витално за државата, а министерот може да се воздржи од луксуз. Заедно со синдикатите го разговараме и системот на плати и надоместоци и се трудиме да изнајдеме решение кое ќе биде во интерес на сите.

о Како ја оценувате безбедноста состојба во државата? Дали граѓаните можат, народски кажано, мирно да спијат? Дали службите за безбедност се во постојана приправност да реагираат професионално и да спречат повторуванје на немили настани, налик на оној од Диво Насеље, кога загинаа осум припадници на МВР?

– Службите ги анализираат глобалните случувања и ги следат заканите и дејствијата во Македонија. Генерално, општата оценка е дека состојбата е стабилна и дека безбедноста на граѓаните не е загрозена. Единствената наредба која ја имам издадено е во секоја ситуација, предвидена или непредвидена, секој припадник на министерството, без оглед дали е од униформираниот или неуниформираниот дел, да постапува професионално и одговорно, штитејќи ги интересите на државата и граѓаните.

                                           Реформата е за доброто на државата

о До каде е МВР со реализација на владиниот акционен план 3-6-9 и дали ќе го запази крајниот рок за исполнување на бараните стандарди и услови?

– Еднаш неделно, Владата добива извештај за степенот на исполнетост на обврските. Отворени прашања немаме, во тек се завршните активности за нивно финализирање. Реформата на системот за следење на комуникациите се спроведува преку консултативен процес со сите засегнати субјекти и со взаемен придонес. Ако ги споредите текстовите на предлог-законот кој прв пат беше објавен и оној што е предложен во Собранието, ќе видите значително подобрување. Тоа е резултат на нашата отвореност и свесност за потребата од подобрување на законите. Кога започнувате една реформа, мора да го оставите товарот на минатото. Успехот е заедно на сите чинители во општеството, затоа што реформата ја правиме за доброто на државата. Овој пристап ќе го имаме и во секоја наредна реформа и во секој следен проект.

о Има ли делумна вистина во низата гласини и пишувања на дел од медиумите дека имало, односно биле навреме осуетени серија закани по животот на актуелниот премиер на Република Македонија?

 – Одделот за заштита на определени личности и објекти е раководен од исклучителни професионалци, докажани во својата област, исто како и тимот за обезбедување на премиерот. Тие многу добро ја знаат својата задача и се добро обучени и подготвени да одговорат на секоја закана или било какво дејствие што може да го загрози животот на премиерот. Системот на обезбедување не е само физичкото обезбедување, кое сите го гледаме. Тоа е сложен систем кој има неколку точки на контрола и следење. Овој Оддел, во соработка со другите служби на Министерството, одлично ја врши својата работа. Фактот што тие не сакаат многу да се зборува за нив или за нивната работа, е уште една потврда за нивната професионалност, која треба да ја цениме и почитуваме.

                                                               Немаме што да криеме

о Дали МВР целосно ја заврши истрагата за крвавиот обид за рушење на уставниот поредок 27 април и со какви казни и резултати финишираше истрагата на внатрешната контрола на МВР?

 – Истрагата за 27 април ја води Основното јавно обвинителство и МВР е само дел од правосудната полиција која постапува по наредби и насоки на ОЈО. Јас бев дел од учесниците, кои за малку можеа да бидат жртви на настаните. Сепак, кога дојдов во Министерството, иако истрагата беше претходно започната, дадов насока постапувањето на службениците и Одделот за внатрешна контрола да биде исклучиво објективен и непристрасен, без политички влијанија или субјективни оценки. Расчистувањето на настаните од 27 април мора да прати порака за враќање на правната држава, а за вработените во МВР да биде порака дека не смеат да постапуваат по политички наредби.

о До каде е реализацијата на делбата на Петтата управа на УБК од самата служба и како течат подготовките за формирање на посебна служба, за која се тврди дека ќе се нарекува ОТА?

 – Во моментов, текстовите на Законот за следење на комуникациите и на Законот за оперативно-техничката агенција се во собраниска процедура и за нив имаме разговори со опозицијата. Нашата намера не е само да ги донесеме законите, туку да усвоиме решенија за надминување на досегашните слабости, но притоа да внимаваме на интересите на безбедноста на државата.

Секоја издржана критика е добредојдена и корисна. Оперативно-техничката агенција нема да биде нова служба на МВР, или наследник на УБК како што за жал имаше обиди да се претстави. Законот за ОТА тоа го гарантира. Секој што го тврди спротивното, или не го прочитал законот, или пак не знае што е улогата и надлежноста на УБК и на Петтата управа. Кога спроведувате клучни реформи, нема место за лични интереси и субјективни негодувања.

Новиот систем за следење на комуникациите треба да биде целосно функционален не подоцна од 1 ноември 2018 година. Министерството ги превзема сите логистички активности да овозможи овој систем да започне со примената што е можно поскоро. Немаме што да криеме, сакаме зајакната независна контрола што е можно поскоро. Само така ќе ги отстраниме сите сомнежи дека нешто нелегално се случува. Што побрзо, тоа подобро.