„Квантитетот го победи квалитетот“ – говор на Сара Нешкоска од 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“

Говорот „Квантитетот го победи квалитетот“ на студентката Сара Нешкоска, беше дел од говорите на 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“ кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“. На финалната вечер говореа вкупно десет студенти на актуелни теми. 

Говорот „Квантитетот го победи квалитетот“ на студентката Сара Нешкоска, беше дел од говорите на 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“ кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“. На финалната вечер говореа вкупно десет студенти на актуелни теми.  Во продолжение интегрално го пренесуваме победничкиот говор на Нешкоска:

„Квантитетот го победи квалитетот“

Ве молам почекајте, имаме некаков проблем со процесорот од компјутерот. Интересно. Секој пат, чекајќи ред во банка, во администрација, во други државни институции, често ја слушам оваа реченица. Сигурно и Вам Ви се случило. Ете така, магично, баш во моментот кога треба да ни достават некој документ, процесорот им закочил. Демек, првооделнци сме, па силно ќе им поверуваме.

Не, проблемот не е до компјутерите, ниту до процесорите. Главниот проблем е до нив кои управуваат со истите. Бидејќи мирисот на врелото кафе и штотуку вкусената бонбониера со вкус на мито, добиена во знак на благодарност од некој за прекуред завршената работа, повкусни се од народот кој со часови чека во редица. И сето тоа е, затоа што неквалификуван кадар работи таму каде што реално не им е местото. Недоволно обучени и непрофесионални лица, седнале зад шалтерот и вешто глумат дека заслужно се наоѓаат на таа позиција.

Сте слушнале ли разговор од типот: Ооо, па што не кажеш, вујко ми таму е меѓу првите. Треба, само еден број да контактирам и средено е. Некои велат, да не беше трагично, ќе беше комично. Ама ова нашево, е циркуз бесплатно.

Невозмножно, но, кај нас возможно. Штотуку запишале или се’ уште не го научиле патот до факултет, моја генерација вработени се на високи позиции во државни институции. Не дај се генерацијо… А мене ми велат повозрасните: „Чекај, чекај Сара, назад ти е зимата. Додека да завршиш факултет, ќе почекаш за работа. Треба силно да го згрееш столчето за да стигниш до тоа скалило.“ Свесна сум за тоа. Еве, се спремам за испитна сесија.

Со надеж дека трудот ќе се исплати, а желбата за повеќе знаење никогаш нема да стивне. Како што никогаш не стивна поддршката од моите родители за да изградат образована и квалитетна личност од мене. Затоа, пред се, за нив, за вас, за целото наше општество, јас ќе бидам таа која ќе посегнам да направам промена најпрво од себеси. Потоа сите заедно, како сложно семејство ќе го разбиеме квантитетот и ќе го вратиме квалитетот во положбата на која припаѓа.

Конфузно е, зошто тоа што е квалитетно тука, не се цени. Иритира таа слика, гледајќи, како некои, кои пишуваат „не знам“, заедно, сега работат во училишта или некое министерство, а притоа се жалат дека платите им биле мали во нашево општество. И истите тие ќе предаваат по училишни предмети за морлани вредности и етика. Но, срдечна благодарност до гугл хром, кој несебично им ги дава сите потребни инфромации за да си ја предадат лекцијата на своите ученици. Затоа што, книгите од кои требало да учат, сигурно не ни знаат како изгледаат.

Има и такви, на кои дипломите им ги красат домашните полици. Работат, што било, само да се преживее. Чекајќи, дека утре ќе биде подобро. Додека, колегите, кои не им се појавувале на предавања и уште помалку на испити, седат во канцеларија глумејќи преморени од работа, не знаат како побрзо да го применат своето факултетско образование и знаење. Поточно незнаење. Знаете колку боли оваа наша општествена слика? Боли исто толку, колку што еден вреден студент, со непроспиени ноќи и рани утра, заспивајќи над книгата во читална, со цел да добие знаење и да го положи испитот со висока оценка, колегата му вели: „Дојди, да се журкаме заедно, остави учење, ќе се снајдеме некако на испитот…“ И утре, во ист датум, и на двајцата ќе им бидат доделени дипломите.

Знам што ќе кажете на ова. Сепак квалитетот ќе биде прв. Да. Но овде, квалитетот е занемарен. А квантитетот некаде на врвот. По се изгледа, во ова општество не сакаме да пливаме во длабокото со мислите, затоа што во плиткото посигуно ни е.

Квалитету! Разбуди се! Расони се од длабокот зимски сон, протриј ги очите, испиј едно кафе и размисли. Вреди ли? Вреди ли на други да им се продаваме и во туѓи прегратки да се засолнуваме? Дали е вредно молчешкум да чекаме, гледајќи како квантитетот расти, а квалитетот се повеќе опаѓа?

Никогаш не е доцна, скапоцен квалитету. Сега, во овој момент, во истава секунда, да преземеме мерки. Борбено, заедно да кажеме: Доста е! И да покажеме, дека тука, во ова наше општество, признаваме само квалитет. Да се издигниме високо над себеси и да не попуштаме. Заедно, гордо, гласно и достоинствено да кажеме:

„Збогум квантитету, добредојде квалитету!“