Крвници, клетници и чанти – секс, дрога и рокенрол!

Верувам дека крупен дел од најавената реформа во правосудството – откако некако ќе се усогласат сите совети и советници, формални и неформални – ќе мора да биде едно длабоко морално прочистување и сообразување на однесувањето на луѓето во оваа сфера со времето и со околностите во кои живее народот во оваа земја. Зашто, навистина се претера со неморалот!

Автор
Бранко Героски

Моралниот лак на универзимот се витка со лактот на правдата. Од оваа прекрасна мисла на Мартин Лутер Кинг можеме да заклучиме две важни работи. Од една страна, правдата е таа што доминантно го определува моралниот дискурс во едно општество. Од друга страна, пак, праведно можат да судат само луѓето со морал и кредибилитет. Во исходишната точка на оваа теза е вистината дека општествената, па и личната среќа и моралот се неизбежно поврзани.

И без многу филозофирање знаеме дека професијата судија треба да биде топ-образец за чесност, интегритет, одговорност. И тука нема и не може да има компромиси. Зашто, како што ќе забележи спомнатиот Мартин Лутер Кинг, најжешкото место во пеколот е резервирано за луѓето што сакаат да останат неутрални во време на големи морални конфликти.

Деновиве многу се зборува за реормите во македонското судство. Добивме два „совета на мудреци“ за реформите, за на крајот премиерот Зоран Заев, покрај сите обврски со кои е оптоварен, да одлучи самиот да раководи дури и со „советувањето“ за реформите. Господ нека му е напомош…

А сепак, на толку многу лактање меѓу кандидатите што треба да го (с)уредуваат македонското правосудство, не чувме некој јавно да проговори дека можеби еден од клучните проблеми на нашето судство не е во системот (во основа наследен уште од задбивша Југославија, па доработен во едноумието и малку во периодот на безумието), туку во интегритетот и во кредибилитетот на клучните луѓе во системот. Можеби тоа е кажано, но чинам недововолно јасно и гласно.

Неодамна порталот Судство.мк обелодени скандалозни наводи за однесувањето на судијката Лидија Неделкова, која презела туѓи надлежности и одговорности, нешто на што не смее ниту да помисли еден судија. Колегите на Неделкова не само што официјално ги потврдија наодите од истражувачката сторија на Судство.мк, туку лактот на правдата на Неделкова ѝ свитка сериозна кривична пријава.

Сега, пак, читаме како судијата Владимир Панчевски, кој беше претседател на Основниот суд Скопје 1, преку својот Фејсбук профил упатува клетви до тие што објавувале информации за истрагата за АКМИС системот. Врз основа на тие написи, скопското Јавно обвинителство отвори предистражна постапка во врска со извештајот за злоупотребите со АКМИС-от што го достави експертската група од Министерството за правда.

Дури и да се согласам со мислењето на некои правници дека таа работа со овој систем за распределба на судските предмети не е баш таква што ни се чинеше на почетокот (има тука многу нејаснотии што треба да се разјаснат), но сепак не можам да сфатам како еден судија луѓето што го критикуваат може да ги доживува и јавно да ги нарекува „крвници и душмани“ и да им посакува „очите со сите зла на светот да им се наситат и најтешки болести да ги нахранат“ итн. Читам и се чудам – па каков ли е овој човек, како можело да се дозволи еден ваков опскурен лик да суди и да пресудува за било што?

Или, што да мислам за претседател на Советот на обвинители кој буквално се задушил во непотизам? Кого тој смее да обвини и за што? Како ќе обвинуваат и ќе судат десетиците такви ликови, како тие ќе го виткаат лакот на правдата за да го уредат моралниот лик на ова наше парче од универзумот?

Верувајте, никогаш не сум сакал да морализирам, бидејќи моето лично чувство е дека пресудувањето, во крајна линија, сепак е божја работа. Сепак, не можев да премолчам кога обвинителка од СЈО јавно се „палеше“ на Аца Лукас, кога јавно ни продаваше кич, невкус и естетски боклук. Многу ме караа фановите на „трите грации“ од СЈО кога ги објавив тие коментари. Не сакаа да разберат дека однесувањето на луѓето во  областа на правосудството – каде што мора да бидат најморалните, најскромните и најдостоинствените меѓу нас! – ја отсликуваат општата состојба на моралот во општеството. И затоа сите мои тогашни критичари сега ќе ги опоменам дека е невкусно најпопуларната од нашите вредни специјални обвинителки по судските ходници да шета чанта вредна пар илјади евра, а изгледа и повеќе од тоа.

Ете затоа, заради овие недоследности и гафови, јас верувам дека крупен дел од реформата во правосудството – откако некако ќе се усогласат сите совети и советници, формални и неформални – сепак ќе мора да биде е едно длабоко морално прочистување и сообразување на однесувањето на луѓето во оваа сфера со времето и со околностите во кои живее народот во оваа земја. И не бидете наивни, за многу луѓе тоа ќе биде состојба на голем морален конфликт. Тоа ќе биде една голема битка.

Иако не верувам ни во рајот ни во пеколот, сепак ќе го послушам Мартин Лутер Кинг и во таа битка нема да останам неутрален. Никој не смее да биде неутрален.