ЛАТАС И БРАЌАТА ОСЛОБОДЕНИ ОД ВИНА – Постапките за издавање на дозволата за градба и легализацијата на градбите БИЛЕ ИСПОЧИТУВАНИ

Судот ги ослободи од вина Драган Павловиќ Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан, кои беа обвинети за бесправна градба во случајот „Тревник“ на СЈО.

Судијката Марија Клетничка Марковски, на денешното изрекување на пресудата за „Тревник“, кажа дека делото за кое се обвинети не е кривично дело. Посочи дека тие се товарат оти од јули 2012 до 2013 година спротивно на закон граделе без одобрение во општина Зелениково на сопствено земјиште. Откако започнале со градба поднеле барање за издавање одобрение за изградба на викенд куќа до општината, прикривајќи дека градбата веќе е почната.

– Имајќи ги предвид сите изведени докази советот донесе одлука дека се ослободуваат од обвинение. Делото за кое се обвинуваат не е кривично дело. Трошоците паѓаат на товар на државата, изјави судијката Марковски.

Судот образложи дека според законот за градење, градежниот инспекторат е надлежен за контрола и инспекциски надзор, и доколку не се почитува законот предвидени се соодветни санкции за инвеститорот и изведувачот.

– Во конкретниот случај не постои ниту една претставка од граѓанин или институција дека постои безправна градба, што кажува дека немало интерес од јавноста. Дополнително градбата е запишана во катастар на недвижнини и притоа никој не го оспори тоа, изјави судијката.

Посочи дека постапките за издавање на дозволата за градба и легализацијата на градбите биле испочитувани.

– Против наведената одлука странките имаат право на жалба во рок од 15 дена. Судот ги укинува мерките за претпазливост за Срѓан и Звездан Павловиќ, кажа судијката Марковски.

Застапник на обвинението е специјалната јавна обвинителка Елизабета Јосифовска.

Во судница пресудата ја слушнаа само Драган Павловиќ Латас и Срѓан Павловиќ, додека обвинетиот Звездан Павловиќ не присуствуваше.