Ненамерната грешка Лазаров го чини враќање зад решетки

Началникот од МВР, Душко Лазаров, обвинет за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, кој доби 15 години за настаните од 27 април, се уште нема правосилна одлука. Toj чека 5 месеци одговор на неговата жалба во врска со притворот испратена до Врховниот суд. Зошто уште не добил одговор не кажува ни Врховен суд, објави телевизија Алфа, кои како што велат пред повеќе од 24 часа испратиле официјални прашања.

Еве низ каква правна голгота минува Лазаров веќе речиси две години.

Во месец јули 2018 година Лазаров додека е во притворското одделение во Шутка, успева да издејствува одлука од Апелација да се брани од слобода, откако претходно приложил гаранција од речиси 800.000 евра недвижен имот- на негово име, на неговото семејство, но и на негови пријатели. Бил обврзан да се јавува еднаш седмично во судот и му била одземена патната исправа. Но во март, и покрај дадената гаранција Лазаров пак завршува во Шутка. Зошто?

Образложението е оти му е укината гаранцијата од близу 800 илјади евра. На која основа од Законот за кривична постапка – во моментот останало дилема. Одбраната на Лазаров се обратила и до народниот правобранител, оти за нив не било јасно зошто гаранцијата на Лазаров е укината, а тој е назад во притвор. Правобранителот утврдил дека му се прекршени човековите права на Лазаров и бара објаснување од Судскиот совет. Оттаму одговориле дека станува збор за ненармерна грешка направена од страна на судијата, во случајот Добрила Кацарска.

Како причина за тоа се наведува дека конкретниот предмет имал обемна објава на пресуда, а веднаш по објавувањето на пресудата биле изготвени 15 решенија за притвор со кои биле укинати мерките на претпазливост и направен е превид за неколку обвинети што не им биле укинати гаранциите стои во одговорот на Судскиот совет до Народниот правобранител.

Ненамерната грешка Лазаров го чини враќање зад решетки. Дали судовите кои треба да ги применуваат правдата и законите, ги почитуваат истите? Зошто мерката притвор не е таа која треба да се елиминира кога имаа гаранции и кога има и дополнителни мерки на претпазливост како во овој случај, туку напротив се практикува во полна пареа?

Зошто е донесена одлуката за бришење на гаранцијата, односно зошто Лазаров е вратен во притвор? Од Кривичниот суд за Алфа велат:

„… што се однесува до мерката притвор истата е определена меѓу другото заради висината на изречената казна но и ценејќи ги сите други околности поврзани со конкретниот предмет“ велат од Основен суд Скопје 1.

За да биде уште појасно, гаранцијата може да се укине под следниве услови:

Член 152 од ЗКП

Положената гаранција ќе пропадне и на обвинетиот ќе му се определи притвор, ако:
-не дојде на уредно доставената покана и за тоа не го оправда изостанокот;
-побегне и
-го повтори или доврши кривичното дело или го стори кривичното дело со кое се
заканува.

Инаку Лазаров на 27ми април бил единствениот кој бил присутен во Штабот, во кој согласно актите на МВР требало да бидат присутни најмалку уште 7 други претставници од полициските единици. Лазаров е правник со 30-годишно работно искуство во МВР, со бројни меѓународни сертификати во делот на воспоставувањето на јавен ред и мир и справување со хулиганството, носител на бројни признанија и награди од меѓународни институции и организации.