Не сакате да знаете како е направен „колбасот“ на двојазичноста

Бизмарк вели дека законите се како колбаси – подобро е да не гледаме како се прават. Контроверзниот закон за двојазичноста е резултат на долгогодишна политичка битка, што резултираше со политичка волја да се произведат токму вакви законски решенија. Имено такви коишто – во тоа сум убеден! – ќе се повинуваат пред добрите обичаи и пред практичните потреби на луѓето.

Бранко Героски

Што е тоа закон?

Најчестата дефиниција, што може да се прочита и во стручната литература и на интернет, гласи отприлика вака – законот е нормативен акт што го донесува законодавниот орган (најчесто парламентот, но не секогаш), по точно определена постапка и во согласност со другите закони и со Уставот, како најзначаен и највисок правен акт во државата. Клучниот фактор за донесување на законот е постоењето соодветно мнозинство: најчесто просто, квалификувано или двотретинско. Во случајот на толку оспоруваниот закон што ја регулира употребата на малцинските јазици во Македонија, станува збор за квалификувано мнозинство во парламентот, односно 61 глас на народните избраници.

Со други зборови, законот во суштина е еманација на политичката волја. Кога постои политичка волја некои односи да се уредат на определен начин, таа, волјата, едноставно, произведува закон. Доколку тој закон не е во спротивност со другите „посилни“ закони и со Уставот, објективно, не постои правна причина тој закон да се отфрли или да се оспори пред Уставниот суд. Во нашиот случај, законот е донесен со уверливо мнозинство (според волјата на парламентарното мнозинство, пак ќе биде изгласан со 61 глас) и во него не постојат одредби кои се косат со Уставот. Зошто? Затоа што со уставните амандмани со кои Рамковниот договор од 2001 година беше преточен во Уставот, Македонија стана билингвална федерација“. Опречни толкувања за уставните одредби за употребата на малцинските јазици има, но тие не беа пречка да се донесе конкретниот закон, таков каков што е и чиишто решенија многу луѓе прават несреќни и загрижени. Но, за таа загриженост – малку подоцна.

Патот до законот беше битка, а не семинар и дебата

Прво да ја „доизбистриме“ приказната за тоа како се случи македонскиот законодавен дом да донесе закон што фактички ќе го прогласи албанскиот јазик за целосно рамноправен со македонскиот јазик во службената употреба, на целата територија на Република Македонија. Помладите читатели, кои имаат привилегија да уживаат во блаженото незнаење на маките поради која независна Македонија во почетокот на деведесеттите години на минатиот век практично беше „полудржава“ (без официјално меѓународно име – до денес, без членство во ООН, без гласот од Албанците на референдумот за независност, без нивниот глас за Уставот итн), би можеле да помислат дека на Зоран Заев, на Али Ахмети и на луѓето од новата власт, што го наследија режимот на Никола Груевски, онака „од мал мозок“ им текнало да смислат токму вакви решенија за спорното јазично прашање. Камо среќа да е така! Ама не е…

За жал, фактите се многу покомплицирани, а овој потег има релативно долга предисторија. Латентниот спор меѓу Македонците и Албанците ќе се појави некаде во шеесеттите години на минатиот век, ќе се засили во периодот кога социјалистичките власти во Македонија ја следеа хегемонистичката политика на српското раководство на чело со Милошевиќ кон Косово, ќе продолжи по осамостојувањето на Македонија (делумно и поради тоа што распаѓањето на југословенската федерација го остави отворено албанското прашање) и крваво ќе бликне во војната во 2001 година. Сите кои денес велат што „смее“ а што „не смее“ да се „дозволи“ и до каде може, а од каде не смее да се „попушти“, се наивни. Или заборавиле на ноторниот факт дека војната во 2001 година заврши со Рамковен договор, кој по својата суштина е мировен договор што ја санкционира капитулацијата на државната сила во обидот да се спречи проширувањето на малцинските права во Македонија.

Значи, да се разбереме убаво – од тој момент, од склучувањето на мирот во 2001 година, со силна странска интервенција, со масивно посредување и со притисоци, индивидуалните и колективните права на Албанците во Македонија и формално се означени за инхерентни (самосвојствени, вродени), а не октроирани и наметнати. Тоа се однесува на правата во областа на манифестирањето на етничката припадност (употребата на албанското знаме, на пример), во сферата на образованието, во употребата на албанскиот јазик како втор службен јазик итн.

Сакам да кажам, процесот на создавање на политичка волја за донесување на еден ваков закон за службената употреба на малцинските јазици не беше процес на академска расправа, надмудрување и семинарско дрдорење. Тоа беше тешка политичка битка, поврзана со разни политички интереси, испреплетена со предизборни и постозборни математики и со сите оние нешта поради кое често велиме дека политиката е валкана работа и ја споредуваме со најстариот занает на светот. И затоа, не треба да заборавиме на познатата изрека на Бизмарк дека законите се како колбаси – подобро е да не гледаме како се прават.

Сепак, непотребна загриженост

Да, сега ионака не ни преостанува ништо друго освен да видиме што е направено. И тука доаѓам до мојата теза за нашата непотребна загриженост. Точно е дека законот предвидува комплицирани и скапи решенија за двојазичноста, но точно е и тоа дека зборуваме за службена употреба на јазиците. Службената употреба на албанскиот јазик на целата територија на Република Македонија, освен што веројатно ќе произведе многу технички компликации, нема да ја загрози ни службената ни општата употреба на другите јазици, вклучувајќи го секако и македонскиот. Во имплементацијата на законот, компликациите од техничка природа ќе се решаваат со технички средства. Тоа ќе чини пари и време, но никој нема да мора да учи албански јазик сосила, како што спинуваа спинерите од минатиот режим (кои, патем речено, одамна прифатија најголем дел од решенијата што се содржани во сегашниот закон, иако тоа не им помогна да останат на власт).

Што сакам да кажам? Се сеќавате ли колкава врева се крена кога Скопје стана службено двојазично? Кога таблите на сите државни институции во метрополата и сообраќајните ознаки осамнаа испишани и на албански јазик? Бидете искрени и признајте – ви пречи ли тоа денес? Ги загледувате ли тие двојазични табли сега? Ве нервираат ли? Ви го одземаат ли вниманието? Не. Луѓето се практични суштества и лесно се прилагодуваат кон промените. Јас сум убеден дека овие ознаки веќе многу не им значат дури и на Албанците.

Се сеќавам, за ова последново своевремено напишав и една колумна што предиџзвика многу лутина токму кај Албанците. Летните месеци ги поминувам на Матка, во мојата скромна викендичка. Таму живеам и се дружам со локалното население, главно со глумовци и сарајчани. Таа година кога Скопје стануваше двојазично, често ја посетував „кулата“ на Ким Мехмети покрај Треска и таму дебатиравме за темата. Нормално, Албанците беа „загреани“ за новата придобивка во своите колективни права и со радост чекаа пред селото да се постави нова табла – Долна Матка / Matka e Poshtme. И бидна таблата! Ама, два дена откако ја поставија, ја видов исечена и фрлена во ендек – некој ја зел челичната цевка на која беше поставена, да му се најде за по дома. Откако го обелоденив тој скандал, нормално, се постави нова табла, но остана вистината дека на некој повеќе му значела цевката од двојазичната табла.

Можеби примерот и не е најсоодветен, но јас сум голем оптимист и мислам дека луѓето во Македонија – Македонците, Албанците и другите – и кон овој закон ќе се однесуваат многу прагматично. Луѓето нема премногу да си ги комплицираат животите, само за на тој начин да ја демонстрираат својата национална гордост. Освен тоа, покрај сите зла што си ги приредивме во овие две децении, факт е дека Македонците и Албанците во Македонија имаат еден убав обичај да се почитуваат меѓу себе, дури и тогаш кога не се сакаат.

А познатиот римски историчар и сенатор Тацит вели: „Повеќе вредат добрите обичаи од добрите закони“. Убеден сум дека во овој случај добрите обичаи и прагмата ќе бида посилни од нормата којa не ги загрозува Македонците, но евидентно создава обврски што ќе ја отежнат имплементацијата на словото на законот.