Нови барања за амнестија за „27 април“

Последната надеж за спас од затвор за Ѓошевски се апелациските судии. Денеска на јавна седница порача дека судиите од Кривичниот суд погрешиле кога го одбиле неговото барање за амнестија.

Наместо името на Горан Ѓошевски Леви, во решението со кое кривичниот суд го одбива неговото барање за амнестија, по грешка е напишано името на Абдуљфета Алими. И двајцата кои за време на 27-ми април беа вработени во Собранието, не добија милост од скопска „единица“. Но, адвокатката на поранешниот шеф на обезбедувањето на собранискиот спикер се сомнева дека се работи за „copy-paste“ решенија со несоодветни формулации и донесени набрзина без да се земат предвид сите околности, објавува Телевизија 24.

– Не би смеело да се случи, зошто беа детектирани такви технички грешки многу во ова решение. Од тие причини ова го истакнав на тој начин, тие грешки го чинат нејасно и неразбирливо самото решение – вели Ружица Николовска, адвокатка на Леви.

Последната надеж за спас од затвор за Ѓошевски се апелациските судии. Денеска на јавна седница порача дека судиите од Кривичниот суд погрешиле кога го одбиле неговото барање за амнестија. Според Правилникот во МВР, Ѓошевски немал ингеренции да интервенира во насилствата, туку само да ја штити безбедноста на првиот човек на Собранието.

Ѓошевски, но и обвинетите Оливер Поповски, Никола Митревски – Кољо, Александар Василевски – Нинџа и Младен Додевски се првите петмина обвинети за кои Апелацискиот суд ќе одлучува дали ќе ги амнестира. Ако тричлениот совет одбие да им даде милост, тие ќе се вратат во судница и ним ќе им пресуди советот на чело со судијката Добрила Кацарска.