Новото судење за „Монструм“ ќе продолжи на 14 март, обвинителот прочита и ослободен од обвинение

Адвокатот Насер Рауфи, по завршувањето на денешното рочиште, рече дека според него има две обвиненија за случајот кои се посебни обвиненија и тоа Јавното обвинителство денеска го немало во предвид.

Повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро во Скопје на 12 април 2012 година, ќе продолжи на 14 март.

Новото судење што го води судијата Огнен Ставрев, денеска почна со читање на обвинителниот акт. Обвинителот Наум Пановски рече дека остануваат на првичниот обвинителен акт, со кој обвинетите се товарат за тероризам. Тој прочита само едно од обвиненијата за случајот.

Адвокатот Насер Рауфи забележа дека било прочитано првичното обвинение од 26 октомври 2012 година, но не и тоа за Самир Љута кое во претходниот судски процес беше споено со обвинителниот акт за Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири.

По забелешката на адвокатот, судијата го прекина рочиштето и продолжението на судењето го закажа за 14 март.

Адвокатот Насер Рауфи, по завршувањето на денешното рочиште, рече дека според него има две обвиненија за случајот кои се посебни обвиненија и тоа Јавното обвинителство денеска го немало во предвид.

– Практично го изнесе само првото обвинение каде се опфатени петорицата обвинети, но не и обвинетиот Самир Љута, кој дополнително со посебно обвинение во понатамошната постапка која претходеше двата предмети се споени во еден. Тоа беше техничка природа, што денеска прекинавме кај стадиумот на испитување на обвинетите, меѓутоа битно е дека започна. Мислам дека овој предмет ќе биде транспарентен, фер и коректен, рече Рауфи.

Прашан дали СЈО ќе го преземе предметот, рече дека како што се информирани таа обвинителска истрага трае подолго време кај СЈО.

– Сметаме како одбрана дека СЈО ќе се инволвира, бидејќи постојат разговори и надлежноста е дефинитивно на СЈО. Можеби и тоа е причина зошто Јавното обвинителство денеска и не го истакна вториот предмет, изјави Рауфи.

На обвинителна клупа денеска беа четворица обвинети, додека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои има меѓународни потерници со години се во бегство во Косово.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство кај Смилковското езеро, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута.

По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.