Одмаздата е слатка, но не решава ништо!

Искрено, немаше баш да ме расплаче драконска казна и за Ивона Талевска и за судечката судијка, но сигурно знам дека тоа нема да ги реши нашите проблеми во судството.

Еден мој кус коментар на Фејсбук за пресудата за Ивона Талевска во случајот „Тифани“ (две години затвор условно, ако стори кривично дело во следните четири години), предизвика лавина негативни коментари, до забелешките дека го релативизирам случајот и дека ја бранам Талевска.

Еве го тој мој контроверзен коментар: „Колку што мене ми е познато, во рамките на една блага казнена политика (со децении вообичаена за нашата судска пракса), ова е стандардна казна за даночна измама. Проблемот е што за време на режимот на Груевски, казнената политика беше заострена до ниво на патолошка одмазда против политичките противници, па многу луѓе, осудени во катастрофални судски постапки, за слични и за помали дела, робијаа долги години во притвори и по македонските казамати. Е во тоа е неправдата. И таа е непоправлива!“

Негативните коментари ги очекував. Маргината за нормална дебата кај нас е толку стеснета што страхувам да се обидам да објаснам нешто дополнително. Но, ајде да се обидам:

Прво, како што веројатно знаете, јас сум немам никаков мотив да ги бранам Ивона Талевска или судечката судијка. Своевремено, изгубив спор за навреда и клевета од Ивона во криминален судски процес, воден од судијката Дијана Груевска. Скоро четири години траеше процесот, а судијката не ми дозволи да ѝ поставам прашање на Талевска. Според тоа, секој што мисли дека ја бранам колешката, едноставно, греши.

Второ, одлика на правото и на судската пракса во бивша Југославија и во независна Македонија, е благата казнена политика. Примерите за драконско казнување (почнувајќи од казната од 13 години за Велија Рамковски, до затворската казна за крадење ќебапчиња), што ги спомнуваат моите критичари, се спротивни на таа пракса и се дело на одмаздничката политика на режимот на Груевски и на Сваровски судството. Не верувам дека ќе се ослободиме од таа одмаздничка казнена политика ако ја продолжиме.

Трето, кривичните дела и казните се поврзани со општествените вредности кои се бранат со нив. Во случаите на даночни затајувања и измами, само делумно се брани моралната и законската обврска на луѓето да плаќаат данок. За државата е поважно да го одбрани она најважното – народните пари. Што значи тоа? Казната треба да е таква да овозможи сторителот да ги врати парите што ги затаил со даночната измама. Старо правило и стар парадокс е должникот да не се „убива“ (бидејќи „убиен“ нема да може да ги врати парите!), туку да се „негува“ – да се казни, но да се најде начин да заработи, за да го врати долгот.

И четврто, сосема ја разбирам и го споделувам чувството на неправда. Но, треба да бидеме искрени и да кажеме дека тоа не почнува со пресудата за Ивона. Пред некој ден, на пример, Алек Гочев доби казна од 100 евра за фрлање бои по објектите на „Скопје 2014“. Можеби казната е заслужена, иако Алек ми е драг. Но, како што забележа Тричко, бои фрлаа и Заев и Шеќеринска. Камо казни за нив?

Да заклучам. Случајот со Ивона Талевска е многу сензитивен за да се дебатира за правото и за правдата. Да бидам искрен, немаше баш да ме расплаче драконска казна и за неа и за судечката судијка, но сигурно знам дека тоа нема да ги реши нашите проблеми во судството. Ние имаме огромни, наследени проблеми од периодот на Груевски (и пред тоа), но имаме и извори на правотото, закони и судска пракса од минатото, од кои може да учиме. Секако, ова е можно само ако реформите во оваа област ги водат вистински луѓе. Одговорни, храбри, мотивирани. А не одмаздници – со или без причина.