Од една до десет години затвор ѝ се закануваат на Катица Јанева

Од една до десет години затвор ѝ се закануваат на уапсената специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, анализира А1ОН.

Јавното обвинителство уште од донесувањето на Наредбата за спроведување на истражната постапка против две лица за кривични дела – Примање награда за противзаконито влијание и Перење пари и други приноси од казниво дело, имало основи на сомневање дека и лицето врз кое се влијаело, јавниот обвинител, односно Катица Јанева, презела кривично-правни дејствија.

Со досега обезбедените вербални и материјални докази во истрагата Јавното обвинителство утврдило дека основите на сомневање се издигнале на степен на основано сомневање дека јавниот обвинител сторил кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.

-Од обезбедените докази се утврди дека јавниот обвинител ја искористил својата службена положба и овластување кои ги има по Законот за Специјалното јавно обвинителство и одредбите од Законот за кривичната постапка и за себе и за други лица прибавил имотна корист во значителен износ. Од месец ноември 2018 година до април 2019 година еден од осомничените во оваа истрага со искористување на своето претпоставено влијание врз јавниот обвинител, преку претходно воспоставени пријателски односи, влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Откако осомничениот јавен обвинител донел Наредба за спроведување на истражна постапка против повеќе лица во предметот „Империја“, влијаел на едно од лицата против кои се водела истрагата, да му се олесни неговата положба во таа постапка со укинување на мерката притвор и да му се определи поблага мерка – куќен притвор, да му се даде својство на заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка или да се склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета и да му се укине мерката на претпазливост – привремено одземање на неговите патни исправи – рече денеска на прес конференција јавниот обвинител Љубомир Јовевски.

Тој објасни дека Јанева го прифатила влијанието од осомничениот и при неизменети околности врз основа на кои бил определен притворот дала предлог притворот против осомничениот во предметот „Империја“, Орце Камчев, да се укине и да му се определи поблага мерка-куќен притвор по што на 27 декември 2018 година, Апелациониот суд Скопје донел Решение за определување на мерка куќен притвор.

-Со повеќе преземени дејствија двајцата осомничени (Бојан Јовановски Боки 13 и Зоран Милески Кичеец н.з.) за да го убедат осомничениот од предметот „Империја“ во влијанието кое едно од лицата против кои се води истрагата го има врз јавниот обвинител, во повеќето средби телефонски преку спикерфон разговарале со јавниот обвинител и по разговорите и средбите, откако осомничениот во случајот „Империја“ и неговата сопруга биле уверени во влијанието, двете лица против кои се води истрагата, од овој осомничен барале 8 милиони евра за олеснување на неговата положба и на 20 февруари 2019 година двајцата дошле во домот на осомничениот во предметот „Империја“ и од него зеле торба марка „Луј Витон“ со 1 милион евра, а претходно, додека осомничениот бил во притвор, од неговата сопруга зеле 500.000 евра – рече Јовевски.