Павле Богоевски има право на АПАНАЖА ЕДНА ГОДИНА ПО ОСТАВКАТА

Пратеникот Павле Богоевски, откако официјално ќе поднесе оставка, има право на апанажа од една година, а за да го оствари тоа право, во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата, тој треба да поднесе барање.

Според овој закон еден пратеник може да остварува плата подолго и од една година, а најмногу уште шест месеца, доколку во тоа време стекнува право за старосна пензија.

За време на остварувањето на ова право пратеникот нема право на други лични примања и надоместоци на трошоци.

Што стои во законот?

Член 19

Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа:

– три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци

– шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци

– девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и

– 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Пратеник, функционер и раководен работник има право да остварува плата според одредбите на овој закон за време подолго од една година од денот на престанувањето на функцијата, а најмногу уште шест месеци ако во тоа време стекнува право на пензија.

Пратеник, функционер и раководен работник не може да го стекне правото од ставовите 1 и 2 на овој член ако ги исполнил условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон.

Член 20

Правото од член 19 на овој закон се стекнува врз основа на лично барање, кое се поднесува најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанувањето на функцијата.

Надлежното тело на Собранието со решение го утврдува правото од член 19 на овој закон и престанувањето на правото според одредбите на овој закон.