Падот на една „голема” обвинителка

Засега нема информаци што точно работи Гордана Гешковска, како и тоа дали ќе биде земена на одговорност, па и разрешена заради нејзиното постапување во предмети. Последен од низата такви предмети е „Монструм“, укинат со одлука на Врховниот суд, во кој од 1 мај 2012 година до крајот на минатата година во притвор лежеа седум лица обвинети за масакрот на Смилковско Езеро. 

Со одлука на Советот на обвинители од декември 2017, Сашо Рајчев е назначен за в.д. шеф на Скопското обвинителство. До донесување на оваа одлука, истата функција ја вршеше Гордана Гешковска. Од страна на вработени во Основното јавно обвинителство  и од правната фела беше критикувано нејзиното поставување за шеф на скопското јавно обвинителство како незаконско, бидејќи Советот немал таква надлежност да ја става да биде старешина на обвинителството без притоа да се објавува конкурс.

Гордана Гешковска моментално работи како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство во Скопје. Со назначувањето на Сашо Рајчев за в.д. шеф на Скопското обвинителство, Гешковска не е испратена во Републичкото jавно обвинителство, за каде конкурираше пред неколку години и беше избрана, бидејќи нејзиниот истовремен избор и за шеф на Скопското јавно обвинителство и за Републички јавен обвинител беше и тогаш и сега проблематизиран и окарактеризиран како незаконски.

За тоа како и од кого бил изборот на Гордана Гешковска за шеф на Скопското јавно обвинителство, јавноста можеше да слушне и од еден од прислушкуваните телефонски разговори, во кој ден пред нејзиниот избор Сашо Мијалков и Гордана Јанкулоска го договараа нејзиниот избор.

Претходно, Гордана Гешковска работеше во Обвинителството за организиран криминал каде беше промовирана од страна на тогашниот Министер за правда. Поранешниот јавен обвинител Љупчо Шврговски, во таа прилика за неа и за уште една обвинителка, јавно изјави дека немаат интелектуален капацитет за да работат на предмети од организиран криминал.

Гешковска не што не e испратена во Републичкото јавно обвинителство, туку не е вратена ни во Обвинителството за гонење на кривични дела од областа на организиран криминал, од причини кои се уште не се познати, но се претпоставува дека причините за тоа се нејзините слаби резултати во работењето и јавните напади од нејзините колеги дека им удоволувала на сите барања од полицијата за поведувања на постапки против лица кои не биле сторители на криминал или каде што немало доволно докази за да се поведува обвинение.

Од многуте звучни предмети кои ги застапуваше Гешковска, освен за предметот „Бачило„ и „А1 Телевизија“ (кој и од домашната и од меѓународната јавност беше оценет како политички предемет) речиси и да нема друга правосилна пресуда, која таа ја добила, а е во корист на обвинителството. Од постапувањето на Гордана Гешковска како јавен обинител, има редица предмети кои чекаат правна разврска во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а се однесуваат на незаконити притвори и продолжувања на притвори по нејзини барања од судовите, како и оштети за судења во неразумен рок.

Засега нема информаци што точно работи Гордана Гешковска, како и тоа дали ќе биде земена на одговорност, па и разрешена заради нејзиното постапување во предмети. Последен од низата такви предмети е „Монструм“, укинат со одлука на Врховниот суд, во кој од 1 мај 2012 година до крајот на минатата година беа држени во притвор седум лица обвинети за масакрот на Смилковско Езеро.  Ќе остане запаметена и по нејзините завршни зборови во овој предмет со кои упати националистички, верски и политички пораки за обвинетите, во недостаток на аргументи за основаноста на поведувањето и водењето на постапката против осомничените лица.

Гордана Гешковска како обвинител без доволно докази гонеше и предлагаше притвори за осомничените што судот секогаш и ги прифаќаше.

Гордана Гешковска како шеф на Скопското јавно обвинителство за настаните од 27 април, во кој беа повредени пратеници, поведе постапки против тепачите со правна квалификација за учество во толпа, кои завршија со спогодби склучени помеѓу обвинителството и обвинетите, а со кои обвинетите добија по неколку месеци условни казни, што не беше карактеристично за дотогашното работење на Гешковска која и болни лица и трудници инсистираше да се притвараат и строго да се казнуваат. За инцидентот кој се случи на 27 април минатата година, во тек е истражна постапка за тероризам поведена од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал.

Она што е посебно актуелно деновиве, е тоа дека и се спрема одлука за да ги врати средствата кои ги примала како разлика во плата изминативе неколку години. Таа примала плата како за Републички обвинител, а всушност работела како основен јавен обвинител, земала и надоместок за дежурства кој не е типичен за шефовите на обвинителствата бидејќи тие како старешини се изземени од распоредите за дежурства.

Јавноста ја иритираше и тоа дека Гешковска се шеташе со години со лично обезбедување на трошок на државата, иако такво нешто ниту претходно било пракса, ниту пак потреба на обвинителите.