После Беџети уште еден удар од Ректорот за Антикорупциска

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да образложи по кој законски пропис видела судир на интереси, откако на вчерашната седница одлучи да предложи да се поведе кривична постапка за него и за директорот на Клиниката за дигестивна хирургија Зоран Караџов оти не го ставил во мирување работното место на клиниката. Тој вели дека оваа одлука ја примил со неверување, и додека правно не се реши ова прашање, го смета изнесеното на вчерашната седница за нарушување на неговите чест и углед, пишува СДК.мк.

Комисијата вчера одлучи да побара од Клиниката за дигестивна хирургија работното место на ректорот да се стави во мирување до завршување на ангажманот во УКИМ. Членовите на комисијата образложија дека по документацијата приложена и од Клиниката и од Ректоратот констатирале дека треба да се направи усогласување со Законот за високо образование.

Јанкуловски вели дека според законските прописи, ректорот за да може да работи како ректор треба да биде професор на Медицински факултет, а според Законот за здравствена заштита за да биде професор на Медицински факултет работното место на Клиниката не може да му биде во мирување.

„Ректорот не може да извршува здравствена дејност доколку работното место му се стави во мирување, а со тоа му се одзема и правото да биде професор, што е спротивно на законските прописи. Досега немало случај на ниеден универзитет ректорот истовремено да не е професор“, се вели во соопштението од ректорот до Антикорупциска комисија .

извори СДК.мк.