Предлогот за одземање на мандатот на Груевски утре на пленарна седница

Пленарната седница, според објавата на интернет страницата на Собранието, е закажана за во 11 часот.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски е ставен на дневниот ред на утрешната пленарна собраниска седница како последната 20-та точка. Седницата, според објавата на интернет страницата на Собранието, е закажана за во 11 часот.

Вчера собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања предложи одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски. Одлуката беше изгласана со пет гласа „за“ од вкупно девет члена колку што брои Комисијата.

Неизвесно е дали две третини од пратениците ќе го поддржат предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски.

Претставници на новоформираната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе соопштија дека нивната група смета дека расправата за одземање на мандатот на поранешниот премиер е избрзана.

Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на две години затвор во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.