Свиркачот Костовски заминува во новата Агенција за безбедност, Лазаревски останува во МВР

Свиркачот Звонко Костовски кој го откри прислушувањето ќе работи во новата Агенција за национална безбедност, потврди денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој аплицирал и бил примен. Неговиот колега од поранешната УБК Ѓорѓи Лазаревски не аплицирал да работи во новата Агенција и ќе остане да работи во МВР.

Во процесот на селекција на кадри од старата УБК во новата Агенција за безбедност, за околу 50 вработени има утврдено безбедносен ризик за работење во безбедносните служби и ќе мора да го напуштат МВР, но ќе се распределат во други државни институции.

„Работиме на подготовка на систематизација со цел да добијат решенија во МВР, освен за оние за коишто има утврдено безбедносен ризик кои ќе мора да го напуштат Министерството за внатрешни работи  и да бидат префрлени во други институции од коишто ќе бидат прифатени, рече Спасовски.

Незадоволни од процесот на селекција се во опозициската партија од каде бараат да се формира нова комисија која одново ќе изврши  селекција на кадрите во Агенцијата.

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Трајче Димков денеска даде оставка во  Комисијата за селекција и избор на работници затоа што, како што тврди, изборот на кадри не бил направен според Законот.

„Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање“, вели Димков, кој бара да се ревидира процесот на селекција на кандиадти за влез во Агенцијата за национална безбедност.

Претходно од Комисијата за селекција на кадри се повлече и пратеникот од ДУИ Артан Груби.

Комисија за селекција и избор на работниците од УБК ја сочинуваа директорот, двајца претставници од МВР, двајца пратеници на предлог на надлежното работно тело на Собранието за надзор на работата на Агенцијата и двајца претставници на Македонскиот полициски синдикат. Директорот на АНБ Виктор Димовски за Дојче Веле рече дека комисијата одржала вкупно 39 седници – имала интервју со секој од пријавените кандидати и извршила селекција на потребниот број кандидати .

„Водено е сметка за правичната застапеност согласно член 68 од законот и притоа уште на самиот почеток на работа на АНБ истиот е подигнат од 11.3 на 16.4 проценти. Ниту еден кандидат, за кој со постојната евиденција постоеја информации дека поседува двојно државанство, не беше селектиран.

За оние кандидати кои претходно подолг период работеле на сензитивни места во УБК и кои поднеле барање за отпуст од второто државјанство Комисијата усвои препорака – раководството на АНБ во случај да добијат отпуст да ги има предвид како приоритетни при евентуални идни вработувања.

За неколку кандидати по донесените одлуки за извршена селекција добиени се дополнителни информации за можно постоење на судиир на интереси и сите овие информации се предмет на дополнително постапување во рамките на АНБ и за нив ќе се носат одлуки во зависност од резултатите на проверката“, вели директорот на АНБ.