Сегашниот начин за избор на членови на управен одбор на адвокатска комора е катастрофален!

 

Во серијалот на интервјуа за избор на нов претседател на комората , истите прашања кои ги поставивме до сите кандидати кои се амбицираат за Претседател на комората, ги испративме и до Љубомир Михаиловски – Џанго. Тој, минатата недела во изјава за телевизијата Телма, изјави дека ќе се кандидира бидејќи имало такви предлози  од некои делегати. Но  до денес , или ден  пред одржување на собранието на адвокатската комора, не ни одговори со повратен е-маил, од причини познати само нему. Просторот кој беше наменет за него, да ги објасни своите ставови или планови околу иднината на Комората не го искористи. Затоа нашата редакција, тој простор го отстапи на неговите помлади колеги.

Адвокатите Димитар Панчевски, Александар Тумановски и Стојан Прензовски се адвокати од помладата генерација. Тие  добија целосна  поддршка од адвокатските заедници  при нивниот избор за делегати на собранието на адвокатската комора. Иако никој од нив нема аспирации за да застане на чело на Комората, бидејќи сите тројца сметаат дека таа функција треба да припадне на некој нивни постар колега, за Судство.мк одговорија што сметаат дека е потребно за реформирање на адвокатурата и комората и која би била нивната улога доколку бидат избрани за членови на упрвниот одбор на собранието на Адвокатската комора кое ќе се одржи утре во Струга.

Р.С.: Колку време работите како адвокат и дали сте специјализирани за некоја област од правото?

Панчевски: Како адвокат работам од 2005 година и претходно две години работев како адвокатски приправник, што значи дека имам вкупно 15 години професионално работно искуство во адвокатурата. Со оглед дека потекнувам од адвокатска канцеларија со догогодишно и богато искуство во работата од сите области на правото, имав можност да работам и да стекнам големо искуство во професијата, но последните години се фокусирав на работата во областа на корпоративното и граѓанското право, иако сеуште работам и на предмети од областа на кривичното право.

Тумановски: Работам како адвокат од 2006 година, а претходно од 2001 работев како приправник во една адвокатска канцеларија во една голема градежна компанија, каде работев како правен застапник. Специјализиран сум во областа на кривичното право и сум чактивен лен на здружението на за кривично право и криминологија на Р.М.

Прензоски: Како адвокат работам веќе 7 години,во Охрид.Со оглед да се работи за помала средина,никој од колегите не е специјализиран за одредена област,поточно работиме на сите области.Но,без оглед на тоа,претежно работам на кривична материја.

 

Р.С.: Кои се проблемите со кои се соочува адвокатурата?

Панчевски: Проблеми има многу, но главен проблем според мене е тоа што адвокатурата не се наоѓа на вистинското место во општеството и истата е потценета од другите чинители во системот, иако адвокатите секогаш се последен „спас“ на сите оние кои што имаат потреба од заштита на нивните права и интереси. Ако сакаме да имаме здраво општество и правна држава, мора да имаме силна и независна адвокатура. Адвокатите треба секогаш да бидат главен коректив за функционирањето на правната држава.

Тумановски: Адвокатурата не е на посакуваното ниво на кое што заслужува да биде. Адвокатурата е уставна категорија чија функција е заштита на правата и слободите на сите правни и физички лица. Токму оваа функција на адвокатурата беше маргинализирана во изминатиов период. Со формирање на советот за следење на реформите во правосудството и учество на тројца претставници од адвокатската заедница во ова тело се виде улогата и функцијата на адвокатурата, која е над партиска и служи единствено за обезбедување на правната сигурност за граѓаните и владеење на правото. Во таа насока јас како член на советот, предложив измени на законски решенија, кои беа прифатени и од власта и од позицијата, бидејќи не се решенија за партиски интереси туку решенија кои овозможуваат владеење на правото.

Прензоски: Проблемите се на повеќе нивоа,од кои ќе набројам само неколку,кои во моментов се најактуелни и ги засегаат сите колеги.Проблемите со нелојална конкуренција,енормна зголеменост на надриписарство,во кое ќе ги вбројам и нотарите,кои со постоечките законски одредби, малтене се судови и адвокати.Проблемот со редовна наплата, нееднаквоста во однос на јавните давачки како помеѓу колегите адвокати и адвокатски друштва,така и во однос на Нотарите. Имено, Нотарите не се ддв обврзници,за разлика од нас.Понатаму не сите адвокати се ддв обврзници,а оние кои се,автоматски со зголемување на тарифата за износот на ддв се поскапи во своите услуги.Нееднаквата примена на правото од страна на судовите,ствара правна несигурност кое нешто влијае во нашиот однос со странките.

Р.С.:  Какво е вашето мислење за Статутот и другите акти на Комората?

Панчевски: Природно е да се унапредуваат и да се усогласуваат прописите со актуелните состојби и начинот на практицирање на адвокатурата. Тоа значи дека Статутот и другите акти на Комората треба да претрпат промени на начин што ќе се прилагодат на новите трендови и потреби на адвокатурата, како и корекција на сите детектирани досегашни недостатоци во истите. Еве на пример сега е актуелен изборот на нови „функционери“ на Комората, па во оваа смисла сегашниот начин на избор е застарен и по моја лична оценка „катастрофален“ и ако сакаме во иднина вистински луѓе да бидат избрани на вистински места во комората, актуелниот начин на избор на телата во комората треба под итно да се смени.

Тумановски: Статутот на комората е прегазен од новото време за потребите на заедницата. Делегатскиот систем можеби бил добар за едно друго време, во кое адвокатската заедница броела неколку стотини членови, а денес има над 2000. Дополнително, активностите на комората мора да бидат приближени кон членовите на комората со кое нешто би се  постигнала заинтересираност кај огромен број од членството за ангажман околу нашите проблеми, бидејќи неопходно е сите да партиципираат во изнаоѓање на решенија со кои адвокатурта би се подигнала на вистинскиот пиедестал.

Прензоски: Со оглед да правото е жива материја ,потребно е статутот да се промени и да има усогласувања со секојдневните текови.Констатораните недостатоци треба да се корегираат и надополнат, како би можеле ние како комора непречено да функционираме.

Р.С.: Што ве поттикна да пројавите амбиции за член на управен одбор на комората?

Панчевски: Не сакам да звучам патетично, но навистина чуствувам потреба дека треба да ги застапувам ставовите и интересите на моите колеги кои секојдневно ги среќавам по судниците и по ходниците на судовите, кои постојано укажуваат на некои реални проблеми, неправилности и слабости во функционирањето на системот, но никој не ги слуша, а и реално нема каде да го кажат тоа. Исто така, веќе имам доволно и лично професионално искуство за да можам самиот да дадам свој допринос во решавањето на некои актуелни состојби во сверата на адвокатурата и правосудството воопшто, па оттука, сметам дека преку моето ангажирање во највисокото тело на Комората ќе можам директно да влијаам и да допринесам да се подобрат состојбите во адвокатурата.

Тумановски: Сметам дека можам со моето знаење и ангажираност, да се вклучам во реформите кои се неопходни на државата во кои нашата комора треба да фати чекор, со цел адвокатурата да ја добие положбата која и е предвидена со Устав. Адвокатурата во никој случај не смее да биде изоставена од реформскиот процес кој задира во павосудната легислатива.

Прензоски:  Имам желба со нови сили, погледи и визии да допринесам за нашата фела. Како помлад адвокат, сметам дека треба да се слушне во одборот и гласот на најмладата генерација адвокати која јас ја претставувам.

 

Р.С.: Каква програма или реформи сметате дека треба да се превземат за подобрување на состојбите во адвокатурата?

Панчевски:  Несомнено е дека реформи и требаат на адвокатурата, но не со помош од надвор, туку исклучиво од внатре. Адвокатите треба самите да се организираат и да постават стандарди и критериуми за работа кои што самите ќе ги почитувааат, а со тоа и ќе го вратат угледот и довербата во адвокатите кај граѓаните и кај институциите.  Ние самите допринесуваме за нашиот нарушен имиџ во јавноста и затоа и самите треба да го поравиме тоа.

Тумановски: Треба да се постават определени стандарди за работењето како на Комората, така и на секој член од заедницата. Да се спроведуваат обуки и семинари кои несомено ќе влијаат на достигнување на тие стандарди. Комората треба под итно да обезбеди и соодветен репрезентативен  простор во кои ќе се одржуваат тие обуки и семинари.Во краен случај не смееме да дозволиме поединци наши колеги да прават обуки или академии, без адвокатската комора да биде вклучена во тоа.

Прензоски: Најпрво е потребно целосно скенирање на состојбата,а дури потоа да се излезе со конкретни предлози и решенија. Заради нетранспарентноста на работењето на коморта, реално ние како членови не ги знаеме состојбите внатре. Претпоставувам дека по скенирање на состојбите, природно како потреба ќе се наметнат неопходните реформи.

Р.С: Што сметате дека може да направите за адвокатурата?

Панчевски: Сметам дека ќе бидам достоен претставник на адвокатите, како во рамките на самата комора, така и во рамките на останатите институции од системот и пред пошироката јавност, а ако бидам избран, во соработка со останатите избрани колеги од управниот одбор, ќе се обидам да ја унапредиме адвокатурата и да ја качиме барем на некое скалило погоре од тоа што е сега.

Тумановски: Сметам дека со мојата  работа и ангажман, а заедно и со другите членови на управен одбор, ќе ја приклучиме Комората во реформскиот чекор кој државата го води на измени на закони од областа на правосудството, а со тоа ќе се подобри нејзината функција, а со тоа и статусот на сите членови на комората т.е. адвокати.

Прензоски: Верувам дека, доколку бидам избран за член на управен одобор, со постарите колеги ќе одлучиме во кој дел да биде насочен мојот ангажман, а се со цел да се подобрат состојбите во комората и во фелата.

 

Р.С: Дали сметате дека изброт на членови на управниот одбор ќе биде соодветен на вољата на целокупната адвокатска заедница?

Панчевски: Со оглед дека изборот се врши со мнозинство, а не со консензус од присутните делегати на собранието, тоа по дефиниција значи дека изборот нема да ја отслика вољата на целокупната адвокатска заедница, туку само на нејзиното мнозинство. Ќе бидам пријатно изненаден ако се случи со консензус да ги изгласаме членовите во управниот одбор. Навистина очекувам фер и демократски избори на кои ќе бидат избрани наши претставници кои вистински ќе се борат за адвокатурата да остане независна и самостојна професија и за интересите на адвокатите.

Тумановски: Сметам дека изборот на членови на управен одбор, мора да ја престатвува вољата на мнозинството. Делегатите мора да ги слушнат сите програми и замисли за тоа во кој правец треба ќе се движи. Во минатот имаше премногу надворешни политички влијанија, заради кои наместо адвокатите да го вршат изборот и да ја решаваат сопствената судбина тоа го правеа политички фигури од надвор.

Прензоски: Се надевам и верувам дека изборот ќе ја претставува вољата на фелата и вољата на мојата адвокатска заедница.