Се одмота клопчето на конспираторите кои работеа против СЈО

На потег е Јавно обвинтелство да истражи и да се произнесе по приијавата од Врховен, дали со ваквото постапување е сторено кривично дело.

Две години требаше да минат за да се дознае вистината дека екс шефот на Одделот за казниви дела при Врховниот суд (сам или групно засега е непознато) е организатор на правниот бојкот кон постоењето и законската можност за истражување на криминални дела на Специјалното јавно обвинителство и соодветно на тоа поведување на правни постапки.

Во истрагата на Судство.мк, која денеска и официјално ја потврди Врховниот суд на Македонија се дозна дека тогашниот шеф на Одделот за казниви дела при Врховниот суд, по претходно барање од експретседателот на скопска единица Владимир Панчевски, самостојно одлучила во име на Одделот дека потребно е обвинител од СЈО соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан“.

Според денешното известување од Врховен, измамата е направена со тоа што никогаш Одделот за тоа не се изјаснил, туку лично експретседателот на овој Оддел сам дал одговор во множина и два пати наводно во деловодната книга ja завел таа правна насока.

СЈО од самото формирање се бореше да ги добие сите предмети од Јавното обвинителство, да добие пристап во МВР и во Петтата управа на УБК со цел да утврдат дали има криминали за кои добија индиции од „бомбите“.

Сето тоа им беше опструирано од речиси сите државни инситуции и од ОЈО, а со овој скандал излегува дека тоа било поддржано и од поранешната претседателка на Врховниот суд. СЈО на стартот на 2017 година одржа прес конференција на која истакнаа дека само тие може да одлучат кој предмет е во нивна надлежност од причина што сите разговори кои ги имаат не се објавени јавно и само тие можат да судат врз база на материјалите кои ги имаат дали треба да побараат одреден предмет и дали имаат надлежност да постапат по него.

Ова најповеќе се однесуваше за предмети кој СЈО ги бараше за да постапува од другите обвинителства, а кои не им беа отстапувани, иако согласно Член 11 став 2 од Законот за СЈО по писмено барање на ова обвинителство, јавните обвинителства се обврзани во рок од 8 дена да предадат било кој предмет по кој постапуваат за да се одлучи дали тој е во надлежност на СЈО согласно нивните законски овластувања утврдени со закон за работа на СЈО.

Во тој период специјалната јавна обвинителка Катица Јанева бараше да и се отстапат случаите „Надеж“, „Маѓар телеком“, „Шпион“, „Поткуп“, како и предметот „Пуч“ во кој обвинет беше и поранешниот директор на УБК Зоран Верушевски.

Но, од ОЈО не им беа дадени со образложение дека тие не произлегувале од прислушкуваните материјали, а обвинителството на Марко Зврлевски немаше увид во „бомбите“ на СДСМ кој ги отстапи на СЈО.

Врв на овие опструкции кои СЈО ги пребродуваше било и ова сега спорно или лажно правно мислење, заклучок или начелен став кој бил пратен до судиите во Кривичен од страна на Врховниот суд со што уште толку се усложни работата на СЈО во тој период. Во однос на ова, адвокатот и ексантикорупционер Драган Малиновски уште во 2016 година пишувал за тоа дека Кривичниот суд во една од низата опструкции кон работата на СЈО ја оспорувал и надлежноста на СЈО по предмети, прашање за кое Кривичен воопшто немал надлежност.

На потег е Јавно обвинителство да истражи и да се произнесе по приијавата од Врховен, дали со ваквото постапување е сторено кривично дело.