СКАНДАЛ НА ПОВИДОК Одлучувала ли Лидија Неделкова за „легитимирањето“ на СЈО сама, во име на целиот Кривичен оддел на Врховен суд?

Порталот Судство.мк дознава дека Врховниот суд за ова правно прашање зазел став уште во 2016 година, за време на претседателствувањето на контроверзната Лидија Неделкова. Но, сега истиот Суд тврди дека судиите за ова никогаш не одлучувале и не зазеле став. Кој тогаш одлучил во нивно име? 

Во 2016 година, на барање на тогашниот Претседател на Основен Суд Скопје 1 – Скопје, Кривичниот оддел на Врховниот суд на РМ требало да се произнесе со заклучок, правно мислење или да заземе став заради воедначување на правната пракса за постапување при утврдување на надлежноста на овластениот јавен обвинител по донесување на Законот за СЈО, имено за тоа дали СЈО во постапките треба да се легитимира и да ја докаже својата надлежност. Ова од причини што на судиите од Кривичниот суд не им било јасно или имале различни ставови за тоа по кои предмети исклучива би била надежноста на обвинителите од СЈО, а за кои предмети би постапувале обвинителите од редовното обвинителство.

Ваков правен заклучок, став или мислење, не е објавен на веб-страницата на Врховниот суд, а редакцијата на Судство.мк дознава дека таков став е донесен во Кривичниот оддел на Врховниот суд, уште во времето кога со овој суд претседаваше судијката Лидија Неделкова.

Во Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, во декември 2016 година, на судиите им било соопштено дека Кривичниот оддел на Врховниот суд веќе донел таков заклучок, правно мислење или начелен став, со кој СЈО во судските постапки треба соодветно да се легитимира, со докажување на својата надлежност за секој конкретен предмет.

Писмено се обративме до Врховниот суд за да добиеме информација за тоа кога е одржана седницата на Кривичниот оддел, кои судии учествувале и каков став, правно мислење или заклучок се донесени.

Побаравме да го добиеме таквото мислење во писмена форма. Но, од страна на Претседателот на Врховниот Суд на РМ бевме информирани дека ниту е одржана седница на Кривичниот оддел на судот во 2016 година, на која се одлучувало за оваа тема, ниту е донесен некаков став, заклучок или правно мислење по тоа прашање.

Од ова произлегува дека некој некого лажел во 2016 година. Кој лажел и зошто?

(Продолжува утре)