Судењето за „Тарифа“ прекинато, на сведокот му се слоши, ќе продолжи на 1 март

На сведок Влатко Чакаровски му се слоши за време на дaвањето исказ.

Судијката Софче Гаврилова Ефремова го прекина денешното рочиште за предметот на СЈО „Тарифа“, во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица, откако на вториот сведок Влатко Чакаровски му се слоши за време на дaвањето исказ. Судењето ќе продолжи на 1 март.

Чакаровски е сведок и на СЈО и на одбраната. Тој е вработен во ЕЛЕМ, а бил член на работната група за имплементација на ЕРП системот. Тој рече дека и вчера не се чувствувал добро и оти лекар му предложил боледување.

Претходно судијката му кажа на третиот сведок дека може да си оди и да дојде на 1 март, имајќи ја предвид динамиката на давање искази.

Одбраната на обвинетите кажа дека со 160 сведоци ќе докажува дека нивните клиенти се невини.

Претходно два часа беше испрашуван сведокот Жарко Миленковски. Фирмата на Миленковски учествувала како партнер во конзорциумот за набавка на софтверот за ЕРП системот за потребите на АД „ЕЛЕМ“. Сведокот рече дека неговата фирма требало да учествува во импелементација на модулот за менаџмент на документацијата на системот.

Судењето денеска го следеше преставник на Амбасадата на САД.

Дејан Бошковски и другите двајца обвинети се товарат за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „ЕЛЕМ“, вреден околу четири милиони евра.

Обвинителите на СЈО рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. Обвинетите пак се изјаснија дека не се виновни.

Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.