Судство.мк во служба на кралицата на сите доблести

Македонија има доблесни и храбри луѓе во оваа област. Промените на кои сме сведоци во последните месеци тоа делумно и го потврдуваат. Но, на правото, на правдата и на правичноста, сѐ уште им е потребна многу поголема ангажираност од заедницата. А тоа значи поддршка но и совет кога е неопходно, пофалба но и критика кога работите ќе тргнат во погрешна насока. Тој пристап ќе го негува и порталот Судство.

Пред неколку месеци, во метежот на интернет медиуми во Македонија никнати по пропаста на локалните медиумски империи, се појави порталот Судство. Адвокатката Анита Бегова охрабри двајца новинари ентузијасти и создаде услови тие во овој медиум да објавуваат анализи, стории и вести за состојбите во македонското судство, за актуелните настани и процеси, во едно, за македонското правосудство исклучително значајно време.

За жал, понекогаш и медиумските проекти, токму како и животните потфати, знаат да западнат во неволја поради недоразбирања на актерите. Не мора секогаш да има зла крв, ниту кавги што не можат да се спречат, или проблеми што не можат да се совладаат. Едноставно, доволно е луѓето да не се на иста „бранова должина“, за соработката да стане невозможна и да дојде до неизбежната разделба и потоа секој да продолжи по својот пат.

Бегова одлучи да го одржи порталот Судство, а потоа и да го обнови и да му даде нова енергија, потпирајќи се на нова екипа новинарски ентузијасти и на еден малку поинаков пристап кон развојот на медиумот. Имено, идејата на издавачот е и понатаму да се известува, да анализира и да коментира за актуелните состојби во македонското правосудство, но и за други настани од земјата, соседството и од светот, кои имаат допирна точка со кралицата на сите доблести – правдата.

Од тие причини, издавачот се определи да се потпре на поддршката на еден друг проверен и докажан тим – дел од екипата што го издава порталот Плусинфо, еден од најпопуларните и највлијателните во земјава, целосно ќе се посвети на обновата на порталот Судство. И така, всушност, се случи јас и Бегова, со која во минатото, кога силата го погребуваше правото (Jus obruitur vi), имавме прилика да се „бориме“ и во судница, сега да седнеме на маса и да ја разгледаме можноста заеднички да се посветиме на новиот предизвик.

Реков веќе, правдата е кралица на сите доблести. Волтер вели дека најубавата работа во целото човештво е делењето на правдата. Го знам тоа од детството, бидејќи тоа е и дел од мојата семејна традиција. Уште поважно е што Македонија во овој момент е исправена пред обврската темелно да го реформира правосудниот систем и да ги охрабри нашите судии, обвинители, адвокати, правни консултанти, борци за човекови права, граѓански активисти, па и обични граѓани, да придонесат реформата да успее. Тоа сознание, како и непосредниот и отворен пристап на издавачот, ме поттикнаа да одлучам извесно време јас да раководам со тимот што ќе се посвети на обновата и на развојот на проектот Судство.

Во моментов, издавачот прави напори порталот да донесува содржини, додека во позадината се финализираат редизајнот и техничките оптимизации на веб-сајтот. Тоа не е едноставна работа и од тие причини, од вас, почитувани читатели, во наредните неколку дена ќе побараме разбирање за евентуалните пропусти од техничка природа. Но, работите брзо ќе „легнат“ и вие ќе бидете во можност со задоволство и лесно да ги следите содржините на овој портал. Се надеваме, многу поинтензивно од порано.

Нашиот тим е амбициран да известува професионално, непристрасно и секогаш на страна на вистината и правичноста. Ќе се потрудиме да бидеме остри во аргументите, но нежни со зборовите. Омразата и кавгите се сојузници на неправдата. Да бидам искрен, дури и моето перо нема да одолее на предизвикот, па веќе си го безецирав ова место за моите наредни неделни колумни на порталот Судство. Се разбира, јас ќе бидам само еден од поголемата група автори со експертиза во областа, кои ќе понудат стручни анализи на појавите и на процесите што нѐ засегаат сите.

Македонија има доблесни и храбри луѓе во оваа област. Промените на кои сме сведоци во последните месеци тоа делумно и го потврдуваат. Но, на правото, на правдата и на правичноста, сѐ уште им е потребна многу поголема ангажираност од заедницата. А тоа значи поддршка но и совет кога е неопходно, пофалба но и критика кога работите ќе тргнат во погрешна насока. Тој пристап ќе го негува и порталот Судство.

Предизвикот не е за потценување. Не само за тимот ангажиран од амбициозната Бегова, туку за целото општество. За вистински промени, не се доволни само добрите намери. Зашто, како што ќе напише Виктор Иго, лесно е да си добар, но тешко е да си праведен. Нејсе, тоа е веќе тема за мојата следна колумна. До следниот вторник, до нашата следна средба на ова место, бидете со порталот Судство.

И – само право!