СЈО ЗБОРУВА ТРИ ГОДИНИ, НА КРАЈ ДА ЈА ЧУЕМЕ И ОДБРАНАТА

Правдата како начело на воспоставувањето на право во државата е израз на барањето за еднаквост при распределба на општествените права и обврски. Еднаквоста на сите луѓе како слободни граѓани на државата е начело  на кое се повикува демократијата. Но, во името на истото ова барање за еднаквост, спроведено ригорозно, бранителите на олигархијата истакнуваат дека запазувањето на правдата не значи делба на еднакви делови, луѓето се нееднакви меѓусебе, па делбата според начелото  на еднаквост би била токму спротивното – неправдата. Правдата подразбира еднаква делба меѓу еднаквите, но нееднаква меѓу нееднаквите.

Пред нешто повеќе од 2 години, Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуват од содржината на незаконското следење на комуникациите или СЈО отвори истражна постапка со кодно име Тревник. Диспозитивот на решението за отварање на истрагата во целост беше преточен и во текстот на обвинието со број НСК-КО бр.10/17 поднесено до овој суд на 29.06.2017.

Со решението за истрага, а потоа и со обвинението, обвинетите во оваа постапка се теретат дека без одобрение за градење издадено од надлежен орган согласно чл.56 од Закон  за градење на земјиште во нивна сопственост во периодот од јули 2011 до 24.01.2013 граделе, со што сите сториле по едно кривично бесправно градење по чл. 244 –а ст.1 од КЗ. Со обвинението не се опфатени изведувачот на објектот и надзорот, како што е предвидено со чл.244 –а ниту тој што го издал одобрението, туку овие лица се сведоци на СЈО. ……

Во периодот опфатен со обвинението, според официјалните податоци на државниот завод за статистика, утврдено е дека постојат над 200.000 градби завршени во целост или започнати, а не довршени, на целата територија на државава, а најмногу заради не донесувања на ДУПОВИ и ГУПОВИ. Во 2009 и 2010 гласно беше најавен и Закон за легализација на дивоградби.  Впрочем, во годината кога и е поднесено ова обвинение, а тоа е 2017 во нашава земја имало сеуште нелегализирано 19000 дивогради, за кои не постои официјален податок дали се во постапка за легализација. Ова се официјално објавени податоци на заводот за статистика на РСМ. Во моментов се уште се поднесуваат барања за легализација на диво изградени објекти како и барања за приватизација на државно земјиште и тоа се легални постапки  кои во најголем дел ќе завршат со решенија за легализација на објектите, а ниту еден од нив нема да биде изложен на кривичен прогон за бесправно градење.

Со чл. 244-1 ст.1 како бланкетна норма е предвидено дека тој што гради, изведува или врши надзор над градба за која нема прибавено соодветно одобрение ќе се казни со казна затвор, а таквата градба ќе се одземе. Глаголот ГРАДИ е во сегашно време, не е во минато време. Доколку ова дело се однесува и на завршени градби,  ќе треба чл.244 да гласи -тој што гради или изградил, тој што изведува или изведол, тој што врши надзор или извршил и надзор, и тогаш сите лица што имаат легализирано објекти во последниве години, имајќи го во секој случај и институтот на застареност, ќе треба да бидат изведени пред овој суд и да одговараат кривично за бесправно градење. Впрочем тоа почитувани присутни, мислам дека јасно и експлицитно го објаснив на ден 27.06.2018 година кога како бранител на обвинетите во овој предмет давав воведни зборови. И денес на ден 02.07.2019 година давајќи го овој завршен збор и тоа во овој суд како нелегализирана градба чиј инвеститор е државата, останувам на воведните зборови, дека обвинението по кое се водеше оваа постапка е правно неоправдано, граматички и временски промашено, а иако обременето со безброј докази остана недокажано.

Ова обвинение е поднесено од страна на СЈО,  со што се дава една посебна доза на сериозност иако со ништо не се оправда таквата сериозност во текот на постапката. Верувам дека од таа причина, Судијата кој го оценуваше ова обвинение истото не го одби, туку му “даде шанса” да се испроба или докаже во судска постапка. Ама таквата шанса со ништо не се оправда.Во овој предмет, како бранител немам некоја замерка за кодниот наслов Тревник, затоа што и во текот на постапката се докажа дека фамилија Павловиќи во Зелениково од приватни луѓе купиле неизградени плацеви што популарно и соодветно се викаат тревници.Дека ова е неспорен факт, докази се Договорите за купопродажба од 2009 година за земјишните парцели склучени со физички лица продавачи – чиј полномошник бев јас. 

Во текот на оваа постапка, се докажа и тоа дека Срѓан и Драган имотот го стекнале на законит начин со нотарски акт за купопродажба, платен данок за пренос на недвижен имот и на истиот се укнижиле како сопственици во имотниот лист што се води во Агенцијата за катастар на недвижности. Се докажа и тоа дека Златан имотот го добил на подарок, а не се доставија никакви докази дека тој градел или превземал било какви активности околу изградба на неговата куќа, но и тој е опфатен со обвинението.

Во тек на постапката се докажа неспорно од сите докази, а најповеќе и од Иницијативата за донесување на Локално планска урбанистичка документација, дека на потегот каде што се наоѓа предметниот имот или ТРЕВНИК, немало Детален урбанистички план. 

Законот за просторно и урбанистичко планирање донесен и стапен на сила во 2005 година, определува постапка до општините – иницијатива проследена со урбанистичко-планска документација со која се врши уредување и користење на просторот во рамки на планскиот опфат или надвор од планскиот опфат во зависност од видовите на градби за кои се донесува истата.

Ваквата можност 5 години по стапување во сила на Законот ја примениле и Драган Павловиќ Латас и Срѓан Пвловиќ, поведувајќи ја оваа постапка пред Општина Зелениково, како надлежен орган. Во текот на постапката ни се објасни и ни се разјасни дека тоа претставува приватно финансирање на ДУП на дел на кој некој има имот т.е.  парцели. Значи доколку Република Македонија тогаш или Република Северна Македонија сега беше правна држава во која доследно и навремено ќе се применуваше законот, браќата Павловиќи немаше да имаат потреба од оваа скапа и долга постапка, бидејќи урбанизирање на просторот е должност на Репубиката и локалните самоуправи кои се заглавени во долгови и некакви други приоритети и веднаш по купувањето на плацевите ќе можеше да си поднесат барање и да си добијат одобренија за градба уште во 2009 година кога ги купија плацевите.

Постапката за ЛУПД била поднесена во 2010 година, а завршена во 2012, со што парцелите се урбанизирани, на нив се предвидени градби и согласно предвидените градби, во толкав габарит се изведени и куќите. Со ништо не е повредена хуманата средина, бидејќи не само што се изградени објектите на приватни парцели во посед на обвинетите туку истите тие градби се согласно планскиот опфат за тој дел од Општина Зелениково.

Со оваа постапка, како што и почитуваната колешка Савиќ истакна е доказ дека обвинетите немале ниту свест ниту воља да градат бесправно, туку дека ја повеле и финансирале оваа постапка со цел да можат да прибават одобрение за градење , за истото да платат комуналии и да изградат градби кои потоа ќе ги впишат или укнижат во Агенцијата за катастар за недвижности. Доколку обвинетите имале свест и воља што е субјективен елемент да градат противправно, уште во 2009 година ќе започнеле со градба, ќе ја дотерале во фаза на затворена карабина до Март 2011 и како такви градбите, ќе ги легализирале за само 1 евро по м2, без трошоци за изработки на ЛУПД без административни такси и трошоци за комуналии. 

Ама како и во многу случаи и надвор од оваа постапка, нашата  држава за некого е мајка, а за некого маќеа! Граѓаните со изградени дивоградби до ден денес можат да поведат управни постапки за легализација по 1 евро и без било каков страв од кривичен прогон, а обвинетите во оваа постапка, за градби со имотен лист на кои им претходеле одобренија за градба и платени комуналии, еве втора година,  се докажуваат пред овој суд дали се виновни или не.

Тезата на СЈО е дека обвинетите започнале да градат пред добивање на одобрение за градба и дека прикриле факт дека наводно веќе била започната градбата кога ги добиле одобренијата за градење. За ваквата теза, СЈО не приложи неопходен и клучен доказ, согласно Законот за градење, а тоа е Записник за извршен увид и контрола од надлежен градежен инспектор.

Патем и одобренијата за градба, до ден денешен ниту се оспорени од било кој орган ниту пак се поништени, ниту пак има било каква промена во имотните листови за градбите кои претставуваат доказ за сопственост, која пак сопственост како право е сеуште уставно загарантирана во оваа земја.

Какао докази во поткрепа на оваа неодржлива теза СЈО достави докази телефонски разговори во најголем дел обавени помеѓу Драган Павловиќ Латас и  изведувачот или сведокот Злате Атанасов, достави и материјални докази, одобренија за градба, имотни листови, финансиски документи за плаќања на ДИЗ ОИЛ Групација за предметните градби и вешт наод и мислење од електро инг. кој ништо не вештачел туку гледал податоци во Гугл Еартх.

Како контра аргументи на ова обвинение и ние како одбрана доставивме докази. Доставивме вешт наод и мислење со кој не се анализира автентичноста не аудио записот туку се утврдува дека времето и часот означен на аудио снимките не може да се толкува како автентичен кога истиот аудио запис е создаден или незаконски снимен, бидејќи при зачувување на истиот, создавачот на овој запис може да стави било кој датум или време. Предложивме и материјални докази кои судот ги изведе, а тоа се фактури за извршени градежни и занатски работи на предметните градби, со многу подоцнежни датуми од 2013, 2014 и 2015 година.

Во таа насока се доказ и содржините на некои од разговорите на аудио записите, во кои е наведено како време 00ч7м што значи нешто по полноќ, а од содржината на разговорот се утврдува дека првообвинетиот во разговор со изведувачот Злате му кажува дека само што излегува од банка каде што бил за да му плати, а банките во нашата земја работат најкасно до 19.00 часот. Со ова, врменски така означени сите аудио снимки ги прави неподобни како доказ врз основа на кој може да се заснова една законита и правична пресуда.

Ваквите телефонски разговори во непознато време кога се снимени, а во корелација со другите изведени материјални докази како налози за плаќања или фактури непокажа никаква временска детерминација за извршување на кривичното дело, бидејќи плаќањата за градежните работи се извршувани авансно, со компензации, а на толку обемна доказна документација што СЈО ја има обезбедено од банки и сите субјекти кон кои имале плаќања сите членови на трите семејства Павловиќи, тенденциозно не доставија фактури за изведени градежни и занатски работи и други набавки во периодот по добивањето на одобренијата за градба, ниту пак доставија како доказ градежни книги…

Значи од една страна СЈО како доказ нема градежни книги и нема записник за дивоградби од надлежен градежен инспектор.

Одбраната од друга страна и обвинетите како доказ имаат одобренија за градба од 2013, платени комуналии и имотни листови за упишан имот во 2015.

Сите приложени материјални докази од СЈО немаат никаква поврзаност и не сведочат за некаква противправност во однос на битието на кривичното дело, т.е. градбата е вршена исклучиво во рамки на одобренијата за градење, по проекти, за чија изработка употребени се сите професионални стандарди и законски предвидени норми.  

Во доказната постапка се изведоа огромен број на материјални докази, па дури и завршни сметки на изведувачот на градбите, а се изведоа и цели сетови на иста документација која како идентична по својата содржина е поднесувана и во Општина Зелениково и во АКРМ и тоа по неколку пати се изведе оваа документација иако непотребна за докажувањето на битието на кривичното дело за која како бранител сметам дека е дадена во голем обем за да го заблуди судот дека обвинението е докажано со многу докази. Се одеше до таму, што некои исти докази и по 7 пати се изведуваа.

Професорот по казнено право Ѓорѓе Маријановиќ пред многу години ги подучуваше студените меѓу кои бев и јас дека  ако имате добро срочено и правно издржано обвинение потребен ви е само еден доказ за истотото лесно да го докажете, но доколку имате правно неоправдано и неиздржано обвинение, докази можете да поднесувате во обем да треба да ги доставувате и со камион, но тоа ќе ви биде порано или покасно одбиено.

Во однос на доказите – аудио снимки, јас како бранител изјавив приговор со противење за изведување на овие докази од процесен аспект, уште во фаза на започнување на доказната постапка. Овој почитуван суд водејќи се од начелото на ефикасност на постапката одлучи за овие приговори да се произнесеме по изведување на истите или во завршни зборови. Од оваа временска дистанца сметам дека ова беше правилна одлука на Судот иако морам да признаам дека со незадоволство тогаш истата ја прифатив.

Зошто? СЈО не поднесе ниту еден доказ, ама ниту еден единствен доказ за тоа од каде и како ги прибавило овие телефонски снимки, кои врз основа на Законот за СЈО и одлука на Апелациониот суд Скопје од 2017 година се сметаат за дозволени или подобни како докази, бидејќи од страна на тогаш претставници на опозицијата, а сега владини функционери биле предадени во СЈО. Но почитуван суде, јас во оваа постапка не видов доказ, како записник за предавање или одземање на аудио снимки со обележување на медиумот на кој истите биле запишани,  CD , usb memory stick, надворешен хард диск или слично. Дотолку повеќе не беа презентирани ни како доказ, пописни листи на сите снимки со ознаки за датум, час и телефонски броеви од кои се извршени телефонските разговори.

Од каде да знам јас, па и вие почитуван суде, дека тие снимки се обезбедеби од свиркачите кои пак ги предале на нашиот премиер, а тој на СЈО.

Да се доставеше таков доказ за попишани аудио снимки предадени или обезбедени од СЈО со ознаките на преслушаните докази аудио снимки, можеби истите ќе имаа некакво оправдување за употреба во оваа постапка, бидејќи јавниот интерес и борбата со корупцијата и мас криминалот е државен приоритет на секое демократско општество па и на нашето.

Впрочем и од овие причини, а со политички договор потпишан од сите парламентарни партии , подоцна преточен во закон се донесе законот за СЈО и масовното прислушување како недозволено по устав и закон влезе во судска постапка, без притоа и по 2 години, да има правна разрешница за тоа кој е виновникот кој незаконски снимал и за која цел.

Од тие причини дополнително истакнувам противење на аудио записите како докази, бидејќи по оваа временска дистанца, излезе дека никој не знае кој се точно има снимки од незаконски снимани телефонски разговори и за што истите се употребуваат, а СЈО ни до денес не даде доказ дека токму овие ауди снимки ги добила од Зоран Заев и други претставници на тогаш опозициската сега владејачката СДСМ.

За воља на вистината сите ние почитуван суде, сме сведоци дека во изминатава година периодично па и секојдневно се објавуваат разни аудио записи од разни лица, а не од Зоран Заев или од СЈО. Со Драган Павловиќ Латас беа објавени приватни раговори на  Youtube од непознат корисник со “име’ Никола Тесла, што е пријавено пред 3 години во СЈО, ама нема никаква разрешница. Друго лице во Прилеп беше приведено заради пуштање на разглас аудио снимки од многу телефонски разговори од бивши исегашни функционери на плоштадот во Прилеп. Трето лице со фејс бук име Ел Чека, а со друг познат  идентитет секој ден скоро месец дена објавува други аудио записи од Чикаго со барање до судските власти во нашава земја и политички чинители, да се ослободи од затвор осудената група на обвинети за терористичките активности во Диво Насеље Куманово во 2016 година. 

Ако СЈО овие снимки навистина ги добиле од Зоран Заев ќе дадеа доказ за обезбедени докази согласно одредбите од ЗКП, а ако не ги обезбедиле и не ги попишале на примопредавањето сите аудио материјали на добиениот диск, кој го спомна во репликите обвинителката Јосифовска, тогаш, не си ја завршиле работата како што треба и со овие докази и покрај решението на Апелациониот суд и нивниот закон лекс специјалис, неможат да водат кривични постапки по важечкиот ЗКП. 

Ова обвинителство можно е да ги добило и од други лица овие аудио снимки или докази, а при состојба на немање доказ записник за одземање на предмети како доказ – хард диск со попис на содржината во него, се креира сомнеж и веројатност дека се прибавни од друг а не дека ги добиле од Заев со што е грубо кршење на одредбите од ЗКП и недозволиво ниту со Уставот ниту со ЕКЧП.

Зошто на ова сакам посебно да обратите внимание. Со поднесување на обвинението, ние добивме како докази еден сет на аудио докази. Во мој приговор пред изведување на овие докази, а по претходни изјави на официјални претставници на СЈО, кои изјавуваа дека има 60.000 разговори само со Латас, побаравме да се пуштат сите тие 60.000 разговори за да се запознаеме подобро со се за што разговарал и со сите со кои разговарал Латас во периодот на обвинението, но обвинителот изјави дека поднесените снимки како докази се тие со кои располага обвинителството за овој предмет. По изведуваање на доказите на одбраната во реплика, обвинителот дополнително достави уште еден сет на докази аудио снимки! Од каде пред еден месец излегоа овие докази? Зошто СЈО истите не ги достави со обвинението ако ги имаше.  Има ли и други кои можат да и користат на одбраната. Што правиме со начелото на еднаквост на орудијата? Или бомбите што СЈО ги има во посед само тие можат да си ги слушаат и да си ги селектираат кои им одат во прилог на обвинението, а одбраната нема право да ги слуша тие снимки и од нив да предложи како доказ други снимки кои би оделе во прилог на одбраната?

По претпоставка ова обвинителство од старт да ги имало добиено овие снимки од опозицијата, а не од Ел Чека или друго лице, смее ли да ги употреби како докази иако не ги поднеле во рок од 18 месеци, имајќи го начелниот став на Врховниот суд по ова прашање од месец Март оваа година.

Ќе се задржам во овие завршни зборови и на така наречениот вешт наод и мислење од вешто лице дипл електро инг. Ќире Јаќимовски.

Во фаза на истрага за овој вешт наод и мислење дадов приговор, кој ако јавниот обвинител кој по должност мора максимално да внимава во таа фаза на одредбите од ЗКП бидејќи тој ја води истрагата, и ако имаа елементарно разбирање од ИТ воопшто немаше ни да го достави до судот.Но знаењето секогаш има разбирање за незнаењето и во тоа е неговата слабост, Нензаењето пак од друга страна нема разбирање за знаењето и во тоа е неговата сила.

Дел од моите приговори за овој вешт наод и мислење беа упатени и по сослушување на вештото лице кое очигледно имаше научени одговори од претходно што само по себе го дискредитира како вештак, работи како вештак незаконски, притоа непочитувајќи го законот за вештачење како лекс специјалис што ги утврдува правилата за неговата работа. Тој не само што требал да одбие да вештачи по овој предмет, бидејќи не е регистриран во правниот промет како правно лице што врши вештачења, туку и требал да ја одбие наредбата за вештачење, бидејќи немал што да вештачи.

Пазете ние за делото за кое се води оваа постапка – бесправно градење, не добивме вештачење од градежен инжињер или архитект, туку од елкетро инжињер. Можеше да добиеме и вештачење од судска медицина и можеби и тоа ќе поминеше како доказ.

Вештакот, изготвил вештачење со читање слики од цд  на кое сликите ги снимал некој истражител Дејан Боцевски и ги споредувал со дата базата на податоци на Google . 

Ова не е вештачење според законот за вештачење, туку споредба. За да биде фијаското официјализирано не добвиме ни писмена наредба од јавен обвинител за прибавување на податоци  oд Google Earth софтверска апликација на компанијата Google Inc California.

Согласно  Законот за вештачење ( Сл. Весник на РМ бр. 115 од 31.08.2010) во чл. 2 – Значење на изразите , во т. 1 е дефинирано дека ,,Вештачењe” е игзотвување на стручен наод и мислење изработено врз основа на примена на научни и стручни методи, технички достигнувања, стручни знаења и искуства во областите што се дефинирани во сите случаи определени со закон или по барање на заинтересирано лице – нарачател.

Согласно чл.236 од ЗКП- Вештачење се определува кога за утврдување или оцена на некој важен факт треба да се прибави наод и мислење од лице кое располага со потребното стручно знаење. Вештачењето по правило го вршат вештаци запишани во регистарот на вештаци.

Со оглед на тоа што стaнува збор за податоците  сочувани во компјутер и слични уреди за автоматска,  односно електронска обработка на податоци, уреди кои служат за собирање и пренос на податоци, носители на податоци и претплатничките информации со кои располага давателот на услуги, во списите на предметот не постои упатено писмено барање- наредба на јавниот обвинител, овие податоци мора да му се предадат на  сјо во рокот што тој го определил, а се во врска со чл. 198 од ЗКП.

Ова затоа што, согласно на  содржината на списите на предметот не постои ниту барање или наредба за обезбедување на овие податоци до  давателот на услугата Google Earth Pro – Google Inc, ниту пак известување од Google Inc. за предавање на определени податоци.

Согласно наредбата за вештачење цитирана и во вештиот наод и мислење, Вештото лице добило некакво цд со податоци од 02.05.2017 изготвено од истражител Дејан Боцевски, припадник на правосудна полиција, ангажиран од Нарачателот на вештачењето, па вештото лице, согласно наредбата требало да утврди дали според обезбедените податоци од снимките и мапите достапни на веб сајтот  google.com и обезбедените слики и мапи за локацијата која се наведува на мапите на пребарувачот со наведени координати и изгледот според историскиот преглед на мапата од бараната и наведена локација може да се забележи изведување на градежни работи кога се забележува нивниот почеток, дали на наведената локација може да се забележат објект или објекти во градба и на кој датум прв пат се забележуваат, како и во колку фази од периодот од 17.01.2011 до 01.10.2016 година за секој од наведените датуми наведени во извештајот како историски прегледи за градежната парела биле изведувани градежите работи за конкретната локација со определени координати?!

На ваквата наредба, прво зачудува фактот што вештото лице, воопшто прифатило да вештачи, бидејќи согласно правилата и политиката за користење на податоци кои ги обезбедува Google, не е дозволено било какво користење на нивните податоци во судски постапки само со превземање на определени податоци од нивните апликации или програми, а воедно Република Македонија, како земја т.е. јурисдикција по чии закони се води оваа постапка, нема потпишано никаков договор за соработка со носителот на податоци Google Inc  со кои ќе биде дополнително уреден начин на поддршка на софтверот со локални бази на податоци, а претпоставуваме дека тоа е во врска со чл. 152 од КЗ – Неовластено снимање.

Од овие причини сметаме дека вештиот наод и мислење е изготвен спротивно на одредбите од ЗКП, не постои наредба за добивање на податоци од носителот, ниту пак доказ за доставување на податоци од носителот или сопственикот на таквите електронски податоци Google Inc. и како таков не може да се користи како доказ во постапката.

Во вештиот наод и мислење, а од неговото сведочење вештото лице не дава податок дека има изрично право за користење на оваа програма за целта за која ја инсталира, изготвување на вешт наод и мислење како доказ за потреба на кривична постапка, ниту пак имал законско овластување да го обврзе Клиентот т.е. нарачателот на вештачењето со инсталација на програмата Google Earth Pro со што го обврзува Јавно Обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегваат од незаконското следење на комуникациите, а сепак при соопштување на условите за користење на  Google Earth Engine ( Последна надградба на информациите 16.12.2015 ) кликнал на опцијата Accept т.е. Прифаќа!!!

Дека ова вештачење не можело да се изведе и дека употребата на доказниот материјал од вештиот наод и мислење не смее да се користи утврдено е со Условите за користење на Google.

Во  УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА Google Earth  https://earthengine.google.com/terms/ е предвидено дека Овој акт утврдува Договор кој го прифаќа корисникот на апликацијата по добивање на лиценцата за негово користење и има обврска правилата да ги знае и почитува, утврдено е дека

Т. 1.2 – Ограничување на употребата. Услугите (на апликацијата Google Earth) можат да се користат само за развој, истражувачки или образовни цели.

(* Овие ограничувања исклучуваат употреба за комерцијлани цели, процеси и правни постапки, туку се наменети и дозволени само за целите кои се прецизно наведени) 

Т.6. Одрекување од гаранции и ограничување на одговорноста. (а) Гугл и неговите даватели на лиценци не даваат какви било изјави или гаранции во однос на точноста или комплетноста на какви било содржини или на производите. (б) Согласно со делот “нашите гаранции и одрекување од одговорност“ во општите услови на Гугл, Гугл и неговите даватели на лиценци се одрекуваат од сите гаранции во врска со содржината и производите и не поднесуваат одговорност за какви било штети или загуби што произлегуваат од користењето на содржината или на производите.

Содржините од апликацијата Google earth –, мапите, времето, координатите и другите содржини на апликацијата за кој Google не гарантира за точноста и прецизноста на податоците наведени во тие мапи, не може да се сметаат за релевантни, точни и прецизни и како такви да бидат доказ врз основа на кој би се изрекла пресуда!

Во точка 10. Наведено е дека Google  се оградува од одговрност, т.е. дека Google и неговите набавувачи  не даваат други гаранции од било каков вид, дали експлицитно или имплицитно, статуарно или на друг начин вклучувајќи ги тука гаранциите за конвертибилност, погодност за одредена употреба и не прекршување.  Во точка 11 е наведено дека ниту набавувачите на Google или корисниците на програмот ќе бидат одговорни за приходи или за индиректна, посебна, консеквентна, пунитивна штета, дури и доколку странката знаела или би требало да знае каква штета е можна, што само по себе е спротивно на ЗКП и на Законот за Вештачење и Законот за облигации на РМ.

Со копирање на делови од содржината на Google Earth и нивно користење за комерцијална цел (бидејќи Вештиот наод го изготвува за паричен надомест т.е. од комерцијалани цели)  вештото лице постапува незаконито, а насловното обвинителство ваката незаконитост ја употреби како доказ во кривична постапка.

Во покрепа на моите наводи дека ова обвинение нема ниту правна издржаност ниту правна оправданост за поднесување, би сакала да му ја ставам до знаење на овој суд и богата судска пракса за слични вакви дела и истраги од кои ниту една нема завршено со обвинение, а не па со осудителна пресуда. Впочем како докази доставивме и решенија и пресуди за чл.244 а.

На почеокот на оваа постапка со давање на моите воведни зборови ја повикав медиумската јавност, будно да го прати овој предмет и сама да се увери во непостоењето на кривичното дело и неоправданоста за водење на оваа постапка. За жал морам да констатирам, дека по изведување на аудио снимките како доказ и очигледноста дека нема некоја сторена противправност во комуникација со изведувачот со кого беа грото од разговорите, новинарите не пројавија интерес за пратење на оваа постпка. Само претставници од ОБСЕ и од Коалицијата сите за правично судење редовно присуствуваа на сите закажани судски рочишта за што од се срце им благодарам. 

При непостоење на правна оправданост за поднесување на ова обвинение, очигледна е политичката тенденцијата, во кој главен таргет е прво обвинетиот политички новинар со своите ставови близок на опозицијата, а неговите двајца браќа се колатерална штета. 

Во давање на дополнителните докази како реплика од страна на обвинителката по изведените докази на одбраната, а веќе наведов по мое мислење зошто сметам дека во таа фаза не смееше да се изведат, спротивната страна, се засили и со медумска подршка од еден неделник, чиј претставник не го пратеше текот на судењето, а си даде за право да ја квалификува и оценува нашата работа како бранители. Ова е уште еден доказ за политички инсприран предмет,  а не предмет за гонење на сериозен криминал кој го води ова обвинителство, а за што зборувааат и сите меѓународни извештаи начело со последниот прифатен и јавно објавен од владата и од Министерството за правда, а тоа е извештајот на ЕЛ ГРЕКО. 

Ако не се обвиненијата правно издржани, нема политика што може да ги оправи. Може суд под политички притисок да ги прифати, но праксата покажува дека сите такви политички обвиненија поведени изминативе 13-14 години уште  немаат судска завршница и во догледно време нема да имаат. 

Додека нашиот народ секојдневно тоне во сиромаштија, заради континуирана корупција и криминал од епски размери во изминативе 29 години, нашето елитно или специјално обвинителство бележи  успеси само во предмети за скап долен веш и за набавка на скап мерцедес, за кој додека трае постапката наместо како корпус деликти да биде паркиран во некое судско или обвинителско депо, се развезува по улиците на градот со домашни и странски државници.

Во нон пејпер документ мислам од ММФ, прочитав дека од нашата земја во изминативе 15 години се изнесени над 5 милијарди долари, пари озбезбедени од приноси од кривични дела. И на ваков криминал ние денес се судиме за три куќи во село Зелениково изградени на приватни плацеви или тревници со одобренија за градби,платени комуналии и имотни листови и се докажуваме дали се бесправно изградени објекти или не се. Со индигнација констатирам дека тоа е најголемиот криминал во државава! 

Охрид повеќе нема да биде Град на Унеско заради бесправно градени 409 дивоградби во заштитениот појас, за тоа апсолутно никој не поведе кривична одговорност, то прва ќе се прават комисии за план за динамика за утврдување на можности за рушење на дивоградби кои не само џамии, туки има и хотели и апартмани за сместување, и куќи и згради и ресторани и плажи, ама ова  обвинителство кое е истакнат претставник на државата во ек на овој скандал нема доблест да си го повлече ова неиздржано обвинение за три селски куќи изградени во рид, предвидени со урбанистички план, со платени комуналии за градење и издадени одобренија за градби. 

ПА НАВИСТИНА НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР.

За крај би сакала да ви се заблагодарам на вашето грижливо внимание кое го манифестиравте  во текот на целата постапка и да ви се извинам за мојот темпераментен однос во неколку наврати.Моето почитување кон овој суд е огромно, исто како што и мојата посветеност за правда е бесконечна. Во ситуација кога од една страна болните деца се лечат со средства од хумани смс-ки, а за здравите државата нема пари да обезбеди сапун во училиштата, вакви скапи постапки, финансирани од буџетот, а правно неоправдани се на штета граѓаните и на иднината на оваа држава. За стресовите и сагата на обвинетите, излишно е и да коментирам. Затоа беа такви моите рекации. 

Почитувани, барам ослободителна пресуда за Драган Павловиќ Латас, Срѓран Павловиќ  и Звездан Павловиќи и итно укинување на определените мерки за обезбедување, т.е. враќање на патните исправи и укинување на наредбата за секое неделно пријавување пред овластен службеник во овој суд.