СЈО се уште не добило допис од ЈО да ги предаде предметите

Во врска со актуелните случувања сакаме да ја информираме јавноста дека сѐ уште немаме добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство на РСМ за да можеме да известиме дали и како ќе се постапува со предметите на ова Јавно обвинителство, информираат од СЈО.

Во известувањето додаваат дека се загрижени што до овој момент ниту е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Катица Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство.

Од СЈО велат дека нивниот мандатот е до 15 септември 2020 година, до кога продолжуваат работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата.

-Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството, пишуваат од СЈО.