Тројцата осомничени за смртта на Саздовски ќе одговараат за убиство

За третиот осомничен кој сè уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница. 

Скопското јавно обвинителство го преквалификува кривичното дело за смртта на Никола Саздовски од „насилство“ во „убиство“. „Наместо за кривично дело „насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело „убиство извршено на свиреп начин“ од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, пишува во соопштението на Обвинителството.

Ваквата одлука на ОЈО следува откако во истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

„Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинскопоследичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот резултат. Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази“, пишува во соопштението на Обвинителството.

За третиот осомничен кој сè уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.