Фетаи бара одговорност за судиите на Врховен заради нивниот став за истрагите на СЈО

Во изнесувањето на завршниот збор за предметот „Титаник 2″ Обвинителката на Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи се осфрна на барањето на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков во кое бара да се прекине судењето поради истечениот рок за обвиненијата и ставот на Врховен суд.

Како што истакна Обвинителката Фатиме Фетаи фамозниот член 22 од Законот за СЈО, кој започнале да го изучуваат децата и во претшколска возраст и кој со сета своја тежина го кренал на нозе Врховниот суд и го вклучи алармот за паника, заслужува осврт не поради правната тежина туку поради поднесениот приговор.

Исто така во својот завршен збор Обвинителката Фетаи додаде дека  можеби врховните судии имаат надземска моќ да ги препознаат мислите на секого, вклучително и на сите политичките партии кои го изгласаа Законот за СЈО.

„Рациото на одредбата и идејата може да ја каже само оној кој ја донел. Без да има таков доказ за тоа како законодавецот  ја толкува одредбата од членот 22, Врховниот суд продуцира правен став незаснован на право и доказ и затоа тој став на Врховниот суд формално-правно се вика правен став, а суштински и материјално-правно е направен став, што, пак, доведува до друга линија на  одговорност на судиите кои го донеле неправниот став. Можеби пак ќе го извадат имунитетот од подрумот на Врховниот суд“, истакна Фетаи.

Според неа, законите по кои постапуваат сдуиите кои судат кривични предмети како овластен тужител го познаваат само јавниот обвинител и приватниот тужител. За сите кривични дела овластен тужител е јавниот обвинител, освен за оние кривични дела каде што изрично е наведено дека тужител е приватниот тужител.

Според Фетаи, рокот за обвинението за „Титаник 2“ е испочитуван и обвинението е поднесено во законскиот рок.