Чистете си го снегот за да не платите „дебели” казни

И покрај големиот број на повредени граѓани, сепак пред судовите многу малку, скоро никој не покренува тужба против општините, односно не поднесуваат преставки до Народниот правобраните поради неодговорното однесување на општините кое ги чини здравје, а може и живот.

Зима е. Снегот упорно паѓа. Во прилог на тоа Судство.мк потсетува на Законот за јавна чистота со кој се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистотa, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирањето на сметот и чистењето на снегот и мразот во зимски услови.

Бидејќи чистењето на снегот во зимски услови се дејности од јавен интерес со локално значење треба да се напомене дека според законот, односно според членот 7 од Законот за јавна чистота, чистењето на снегот пред сѐ е обврска на јавните претпријатија за комунална хигиена, основани од општините и самите општини, односно општините во Град Скопје и Градот Скопје.

Токму затоа во Законот за јавна чистота е пропишано дека општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје се должни да го исчистат снегот од јавните површини најдоцна во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи.

Сепак законска обврска за чистење на снегот имаат и сите сопственици, односно корисници на јавни објекти и тие се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите.

Според истиот закон за чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со соодветен материјал во случај на голомразица, за чистењето на снегот од сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, ако тоа претставува опасност за минувачите или за самиот објект, се грижат сопствениците, односно закупците на објектите.

Казни за неичистени тротоари

Доколку одговорните не ја исполнат оваа обврска законот пропишал казни, кои не се така мали.

Глоба во износ од 1.000 евра ќе му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект, а глоба во износ од 4.000 евра ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови. За овие прекршоци глоба во висина од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице – стои во Законот за јавна чистота.

Повредените граѓани може да ги тужат општините

Сите овие прописи одат во насока на обезбедување безбедно движење низ градот во услови на снег и мраз. Минатата зима биле регистрирани над 160 повредени граѓани, со скршеници на колкови, рачни и зглобови на нозете, само во Скопје.

И покрај големиот број на повредени граѓани, сепак пред судовите многу малку, скоро никој не покренува тужба против општините, односно не поднесуваат преставки до Народниот правобраните поради неодговорното однесување на општините кое ги чини здравје, а може и живот.

Во случај на повреди граѓаните имаат право да бараат обесштетување. Народниот правобранител им порачува на граѓаните да не ја чекаат правдата и правата, туку да се борат за неа.

Настраданите граѓани од нерасчистените снег и мраз може да поднесат тужба против локалните власти и локалното комунално претпријатие од општината во која живеат, бидејќи според Законот за јавна чистота, таа одговорност им припаѓа ним. Ако тужителот го добие спорот против тужениот субјект од локалната самоуправа, потоа оди во граѓанска парница, т.е. покренува спор пред надлежниот граѓански суд, за надомест на штета.

Автор

Горан Наумовски