Ќе се менува Законот за приватизација на градежно земјиште?

Годинава, како што информирала директорката Касами, ќе се менува и Законот за приватизација на градежно земјиште со цел упростување и прецизирање на постапките. Се работи и на измени за забрзување на постапката за решавање на предметите кои се однесуваат на колективните станбени згради.

Од второто тримесечје годинава граѓаните ќе можат да си го следат својот предмет за приватизација на градежното место од дома, истакнале на денешната средба министерот за финансии, Драган Тевдовски и директорката на Управата за имотно – правни работи Шасине Касами.

Се планира до крај на март годинава сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во менаџмент – информацискиот систем на кој се работело минатата година. Потоа ќе биде развиена дополнителна можност за пристап во него на поднeсителите на барања, кои во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното поднесено барање, соопшти Министерството за финансии.

Управата го надградува систем со цел зголемување на ефикасноста на услугите. Набавени се скенери со високи перформанси за полесно и поедноставно внесување на предметите.

Годинава, како што информирала директорката Касами, ќе се менува и Законот за приватизација на градежно земјиште со цел упростување и прецизирање на постапките. Се работи и на измени за забрзување на постапката за решавање на предметите кои се однесуваат на колективните станбени згради.

Имено Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште беше изменет и стапи на сила во јуни лани, и со тие измени граѓаните можат да поднесуваат барање за приватизација на државно – градежно земјиште до 31 декември 2021 година.

Документите кои треба да се приложат кон барањето се: фотокопија од лична карта или пасош, правна основа врз основа на кое е стекнато правото на користење на земјиштето (закон, тапија, пресуда, договор, решение, одлука на надлежен орган) и податоци за земјиштето, односно имотен лист од катастар на недвижности или поседовен лист од катастарот на земјиштето. Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Управата за имотно правни работи во општината во која се наоѓа земјиштето.