Ана Павловска Данева: Судиите од Судскиот совет ќе се вратат во судниците и ќе судат

Законски ќе се прецизира уставниот термин што претставува  „истакнат правник“, како и критериумите што треба да ги исполни потенцијалниот член на Судскиот совет, кој  не е од редот на судиите. Се планира депрофесионализација на членовите, кои што доаѓаат од редот на  судиите, кои  во иднина ќе продолжат со нивната судиска работа, но со намален обем. Обврската за  правораздавање, нема да важи само за претседателот на Судскиот совет, кој целосно ќе треба да се посвети на организација и менаџирање со  ова  тело, но и со Судскиот буџетски совет. Ќе се формира  и Административна канцеларија и ќе се зајакне стручната служба. Претседателот на Врховниот суд, кој по функција е член на Советот, нема да има право на глас, по примерот на министерот за правда. За разлика од досега, кога членовите на Судскиот совет немаа никаква одговорност за донесените одлуки, но и за начинот на однесување, се предвидуваат измени и во тој дел. Се предвидува и допрецизирање на критериумите за избор на членови на Судскиот совет.

Сето ова е предвидено  во Стратегијатаа за реформи на правосудството, што  ја увои Владата, која доби позитивна оценка и од Брисел, а  се дел од плановите на ресорното Министертво за правда за подобрување на состојбите во оваа сфера, која е најмногу критикувана од домашната и меѓународната јавност.

Како што појасни професорката Ана Павловска Данева на денешниот брифинг, кој е претседател на работната група што работела на Стратегијата, измените се во насока на забелешките на Извештајот на експерската група, како и во функција на остварување на стратешките цели  на реформата и во функција на подобрување на независноста и самостојноста на  правосудството. Таа нагласи дека во Стратегијата се вградени забелешките од Брисел, како и од двете јавни расправи. Измените што се однесуваат на Судскиот совет треба да бидат  направени  на пролет, а најдоцна до септември наредната година.

Професорката прецизираше дека во стратегијата се предвидува и законска рамка за  поништување на лустрацијата, но не и за можноста за обновување на судски процеси, за што никогаш не постоел предлог во рамките на работната група. Специјалното јавно обвинителство ќе стане дел од  организациската структура на Обвинителството и ќе постапува на територијата на целата земја, со тоа што во иднина  ќе  добие мандат да постапува и за случаи на висока корупција. (Г.Д)