Министерот Саљији демантира дека испратиле некомплетно  барање за екстрадиција

Министерот за правда Билен Саљији денес ги демантираше  информациите во јавноста  дека Судот во Солун го одложил рочиштето за екстрадиција на двајцата  притвореници од Македонија, заради некомплетна документација и немање превод на  грчки јазик.

„Тоа не е точно. Од наша страна, испратена е комплетна документација преведена на француски  и на грчки јазик“, рече Саљији и додаде дека се подготвени тоа и да го документираат. Тој нагласи дека колку што му е познато, одложувањето на рочиштето за 13 декември е поради неприсуството на адвокатите на обвинетите  Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Од Министерството информираат дека  документацијата е испратена на 3 ноември оваа година, а на 6-ти истиот месец е примена од овластен  претставник на грчкото министерство и досега немало барање за дополнување на истата.

Двајцата обвинети до  случаите „Таргет“ и „Тврдина  1 и 2“  беа уапсени на 18 октомври на аеродримот во Солун, додека со лажни бугарски пасоши се обидувале да отпатуваат за Будимпешта. Тие во моментов  се наоѓаат во екстрадицонинен притвор во Солун.

Грујевски и Бошковски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство  за незаконско прислушување и за уништување на опремата од прислушувањето. Тие три месеци беа во бегство за да го избегнат притворот во Македонија што им го одреди Апелациониот суд во Скопје и го потврди Врховниот суд. (Г.Д)