МИСТЕРИЈА Чие е мумифицираното тело од Водно?

Засега се знае дека е маж. Единствена опција за утврдување на идентитетот е споредбена ДНК анализа или забните отисоци на вилицата. Не се отфрла и можноста да е странец, или пак за македонски граѓанин кој веќе е пријавен од најблиските дека е исчезнат, но тврдат дека рано е да се говори нешто такво, бидејќи не е мала бројката на исчезнати лица.

Кој е мажот чие мумифицирано тело пред шеесетина дена беше пронајдено во некористена шахта на патот Средно Водно – Сончев град, на падините на Водно? Кога и како тој „завршил“ во шахтата? Дали паднал во неа, некој го убил па таму го скрил, дали станува збор напрсна смрт на љубопитен граѓанин кој влегол во шахтата, или станува збор за несреќа?

Ова се само дел од серијата прашања кои скоро 60 дена ги мачат полициските истражители, откако во првата недела од ноември минатата година на југозападната падина на Водно, во безмалку сокриената двометарска шахта, планинар забележал човечки останки.

Официјално, ни приближно не е откриена причината за смртта. Истражителите велат дека се чекаат биохемиската анализа од страна на Институтот за судска медицина. Таа барем ќе дадела одредена насока дали во организмот на мажот има одредени внесени штетни супстанци, кои може да придонеле за неговата смрт.

Што се знае за непознатиот?

Полот на непознатиот патолозите од судска медицина првично го утврдиле според поставеноста на коските на колковите. Кожата и месото однадвор биле суви. Телото почнало да преоѓа во подлабока фаза на мумификација, што за истражителите било јасен сигнал дека смртта настапила најмалку две недели пред телото да биде откриено. За брзата мумификација придонеле и временските услови во ноември. Температурата не надминувала 25 степени, а и ноќите не биле ладни. Имало сонце и ветар, што ја забрзале фазата на мумификација.

Расата засега не е позната. Целосно оштетена била и кожата за можни отисоци. Единствена надеж за точно утврдување на идентитетот е општата карактеристика на телото и неговата должина, ДНК и вилицата. Од Институтот за судска медицина велат дека нивниот наод е проследен до Основното јавното обвинителство на Македонија (ОЈО). Од ОЈО, пак, со краток став за истрагата: „Според првичните резултати од досегашните вештачења на пронајдените човечки остатоци, најверојатно станува збор за машко лице. По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје се вршат дополнителни испитувања во насока на утврдување на идентитетот на пронајденото лице. Се прават и други анализи за утврдување на причините за смртта“.

Професорот Алексеј Дума, кој е поранешен директор на Институтот за судска медицина, вели дека од човечко тело, иако е пронајдено во мумифицирана состојба, сепак може да се открие дали смртта настапила по насилен пат или не.

– На пример, убодна рана од остар предмет, скршена коска или прострелна рана, без разлика што и внатрешните органи мумифицираат, зад себе оставаат јасна трага ако биле изложени на надворешен „фактор“ – вели Дума.

Дали непознатиот е македонски државјанин или странец?

Полициските иследници не ја отфрлаат можноста да станува збор за странец, или пак за македонски граѓанин кој веќе е пријавен од најблиските дека е исчезнат, но тврдат дека рано е да се говори нешто такво, бидејќи не е мала бројката на исчезнати лица.

Според полициските анализи, повеќе од 200 лица од машки и женски пол се водат како исчезнати во изминативе девет години. Само од јануари до септември 2017 година на ниво на Македонија за исчезнати биле пријавени 325 граѓани. Точно 311 живи или починати се пронајдени, а за 14 активна е потрагата. Во истиот период лани во Скопје исчезнале 203, откриени се 186 граѓани, а за 17 нема трага и глас.