За правото и за моралот

Моралот е состојба на свест која во дадената општествена заедница, како нејзин состaвен дел, го разграничува доброто од злото, поаѓајќи при тоа дека врвно општествено добро е човекот, од кое произлегуваат сите други вредности, вклучувајќи ја и примената на правните норми.

Васил Костојчиновски


Уште во далечната 1958 година, еминентниот професор Д-р Рудолф Леградич, сакајќи да го изгради вредносниот систем на своите студенти како идни судии, обвинители или адвокати, ја напиша
малата, но многу значајна книшка „Морал и Право“. На крајот од овој труд, тој ќе се обиде да формулира „едно практично упатство за тоа како човек (идниот судија, обвинител или адвоката) треба да постапува за да неговото постапување да биде морално и добро“, кое според него би гласело:

Постапувај така, што своите должности што се формулирани во правни правила да ги исполнуваш како свои права, а своите права, формулирани во правни правила, да ги вршиш како свои должности“.

Според професорот Р. Леградич:

„Ако човек не е во состојба да прави ваква инверзија на своите права во должности и должностите во права тогаш има место само за две нешта:

1) или постојат индивидуални слабости (биолошки нагони или лични и посебни интереси што се засноваат на преживеани објективни законитости), или

‘2) постојат слабости на општествената организација, поради кои правните правила веќе не го изразуваат доброто и моралот, туку се претвориле во неморал.

Во првиот случај, човекот е должен да се бори против своите субјективни слабости и да ги совлада, а во вториот, човекот е должен да се бори било за изменувањето на правните правила или за донесувањето на нови правни правила што ќе бидат во согласност со објективните законитости“.

За постапување на обвинителот има правни правила кои му даваат право да бара да се примени мерката притвор за да ги обезбеди општите интереси, но исто така тој има и должност да ги штити правата на човекот како основна вредност од која произлегуваат основните вредности на општеството, во чие име и за чии интереси тој настапува.

Судијата има право да прифати, а и да го одбие или да го модифицира барањето за притвор. Но, ако тоа свое право тој го сфати и како негова должност да ги почитува човековите права, како морални вредности кои ги гарантира едно демократското општество, во чие име тој постапува, тогаш тој постапува и според правните, но и според моралните норми како две општествени појави кои ја изразуваат општествената свест и достигнатиот степен на демократизација на даденото општество. Правно е допуштено бремена жена да биде во притвор, но морално, секако, не.

Моралот е состојба на свест која во дадената општествена заедница, како нејзин состaвен дел, го разграничува доброто од злото, поаѓајќи при тоа дека врвно општествено добро е човекот, од кое произлегуваат сите други вредности, вклучувајќи ја и примената на правните норми. Ако одредени, објективни услови бараат заземање став, донесување на одлука за примена на моралните норми за почитување на човековите права, а општеството преку своите институции не ги почитува, тогаш станува збор за неморалност, за криза на моралот која ерозивно дејствува врз стабилноста и опстанокот на тоа општество.

Моралот не претставува диктат на нечија волја, туку e продукт на степенот на неговата развиеност во морално општество и на автономноста на неговите институции да ги почитуваат моралните норми како вредности врз кои почива тоа општество. Тие се слободни норми кои дејствуваат автономно (субјектот ги применува затоа што верува во нив и како такви се составен дел на неговиот етички, професионален и морален вредносен систем). Тие не се хетерономни, односно не се продукт на нечија наредба или волја. Автономноста на моралните норми извира од изграденоста на индивидуалната и професионална свест дека нивната примена е како во интерес на општеството во кое владеат и одредени морални вредности, така и во интерес на оној кој донесува одлуки, кои се сврзани со примената на одредени правни норми кои се во корелација со моралните, односно во интерес, како на неговиот професионален и морален дигнитет така и во интерес односно афирмацијата на општеството како морално општество.

Од автономноста на моралот произлегува нај карактеристичната негова санкција: грижата на совеста. Таа санкција, која субјектот сам на себе ја применува, каејќи се за ‘своето неморално дело’ (Р. Лукиќ), односно за немањето на професионален дигнитет за примена на моралните норми, до толку повеќе ако правните норми му даваат можност за слободно одлучување врз база на слободното, професионално, убедување„. „‘При остварувањето на моралните норми, човекот повеќе или помалку ја вклучува својата свест и разум за акција“ (С. Габер), односно тој критички се однесува кон она што треба да го прави, „тој е во активен однос и таа негова активност порано или подоцна води кон примена на сфаќањето за целта, смислата и суштината на моралното правило за поведение, моралната норма. Оттаму, според него, кај моралот, санкцијата, освен однадвор, може да се изразува и како внатрешен притисок на свеста, односно како грижа на совеста која може да ескалира до самоказнување.

Грижата на совеста е продукт на сопственото согледување дека при донесувањето на одлуката не се почитувале и моралните норми, дека станува збор за неморална одлука која предизвикала штетни последици како за општеството, заради непочитување на човекот како основна вредност од која произлегуваат сите други вредности, така и за сопствениот морален и професионален дигнитет и кредибилитет, но и дигнитетот и кредибилитетот, односно довербата во институците на едно демократско општество. Грижата на совеста, која се јавува при донесувањето на одлуки без да се почитуваат моралните норми, значи, кога постои судир помеѓу правото и моралот, е израз на личната криза и капацитетот на едно општетсво да ги чува моралните вредности кои се основа на неговото опстојување.