Револуционерната правда не е нашата опција

Новата реформска и проевропска власт, која се нафати да го реформира и македонското судство, не може да си дозволи ексклузивно, само за една група осомничени и обвинети, да пресудува како итриот Соломон или како трагичарот Робеспјер. Да се откажеме од таа илузија.

Бранко Героски
новинар

 

Кралот Соломон е библиски образец за мудар крал. Тоа е човекот кој од Бога, кога овој го прашал што бара, скромно побарал само вештина да разликува што е добро, а што зло. Со други зборови, итро побарал и добил право да суди, во име на Бога, се разбира.

Еве една позната приказна, којашто вообичаено се смета за доказ на неговата мудрост. Еден ден во неговиот дворец дошле две жени. Двете родиле по еден син, но едното дете умрело и сега двете за преживеаното дете тврделе дека е нивно. Соломон пресудил: „Донесете меч и пресечете го саканато дете на две, а потоа дајте и половина на едната, а половина на другата“. Тогаш едната крикнала и рекла: „Дајте и го нејзе детето живо, само не убивајте го!“ И Соломон ја познал вистинската мајка.

Што ни кажува, всушност, оваа приказна? Секако не тоа колку бил Соломон мудар. Впрочем, неговата мудрост е преценета. Ако не сте знаеле, човекот имал околу 700 жени и 300 конкубини. Бил саможив среброљубец, кој толку се гордеел со својот престол издигнат на шест степеника и со потпирки од два лава, што не издржал а да не ја предизвика кралицата од Шеба, да ја измерат „величината“ на престолите (кралицата, се рабира, вистински мудро ќе се покори и ќе ги пофали Соломоновиот престол и неговата „мудрост“ – во спротивно, ризикувала да и летне главата). Сиот тој раскош бил платен со огромни даноци, со неединство и со латентни конфликти во младото Израелско кралство, кои на крајот ќе доведат до негово распаѓање. Тешко е да се каже дека Соломон бил многу мудар, а се заборава на пророците како Исаија и Јеремија. кои често ги критикувале нивните лудости.

Фамозната половина тула

Простете за оваа дигресија. Да се вратиме на основното прашање – што ни кажува приказната за двете мајки? Таа ни кажува дека правдата не е ништо друго освен потрага и верификација на вистината. Не може да има правда, ни правична пресуда, ако without reasonable doubt не се утврди вистината. The truth and only the truth and nothing but the truth!

А до неа, до встината, сепак не се доаѓа лесно и едноставно како во библиските приказни. Иако во историјата имало и има обиди до правдата да се дојде побрзо и попреку. Винстон Черчил вели: „Никогаш поетот не може толку слободно да ја прикаже природата, колку што правникот може слободно да ја интерпретира стварноста”. Секој властодржец сонува да ја контролира вистината, а со тоа и нашата слобода. Ние, пак, слободата ја обезбедуваме преку процедура, систем и интегритет на личностите што ги спроведуваат. Процедурата е незгодна. Бара ред. Не познава „виши“ математики. Не знае што е “опортуно”. Не признава револуционерна правда.

Па дури и тогаш, кога имате систем и поредок, какви што Македонија во областа на судството имаше наследено од минатиот социјалистички режим (да се разбереме, станува збор за еден респектибилен правен поредок, за човечки ресурси и за традиција што и денес не смеат да се потценат), не е лесно да се верификува вистината. Данскиот философ Сорен Киркегор вели дека вистината се воспоставува како малцинско мислење. Луѓето што имаат свое мислење и трагаат по вистината секогаш се во малцинство. Мнозинството ја прифаќа дури тогаш кога доказите се доволно силни да надвладеат. За жал, тие моменти се ретки. Живееме во свет во кој лагите кажани доволно често стануваат вистини, според чудесно едноставната формула на пропагандата што ја откри Ленин. Еден хуморист вели дека полувистината, токму како и половина тула, секогаш е посилна одошто целата вистина – полесно се носи под мишка и полесно се фрла.

Илузијата на Робеспјер

Непобитен факт е дека во изминатата деценија системот на делење на правдата се сведе на носење на таа несреќна половина тула под мишка. И фрлање по политичкиот противник. Кривичниот и другите закони, луѓето во правосудството, под притисок на режимот на Никола Груевски, ги толкуваа во стилот на прочуениот Закон за сомнителни лица (1793), со кој јакобинците на чело со Робеспјер (кои го укинуваат феудалното право, го прокламираат народниот суверенитет, ги воведуваат општото право на глас и неприкосновеноста на приватната сопственост, како и слободата на печатот и говорот), ќе си ја спасат револуцијата, но и ќе му овозможат на Робеспјер да ги погуби сите свои неистомисленици. Тој искрено верува дека со теророт ќе го искорени злото и ќе создаде добро. Неговата понатамошна судбина е тажна. Прво ќе го уапсат луѓето од неговиот, јакобински клуб. Комуната ќе го ослободи, но ројалистите ќе ги искористат внатрешните превирања, ќе се мобилизираат и на 28 август 1794 година ќе го погубат водачот на јакобинската диктатура.

Големата илузија, трагичната историска грешка на Робеспјер, е неговото уверување дека може да го присвои правото да пресудува за доброто и за лошото, за животот и за смртта, без судење, без постапка, без право на одбрана, без претпоставка на невиност, без процедура – со еден збор, без правда. Само Бог има право да суди така и да воспостави објективен етички дискурс, бидејќи суди во конечната инстанца (по нашата физичка смрт) и затоа само неговиот суд е врховен (и страшен). Цивилизираните заедници, кои сепак имаат потреба да судат и „земски“, воспоставуваат строги и комплицирани правила на игра. Овде, на Земјата, се суди само за она што е запишано дека е недело и при тоа се предвидува сложена постапка (колку земјата е подемократска, толку постапката е посложена), чија цел е да обезбеди ние грешните за гревовите на другите да пресудуваме праведно, а не со јакобинско морализирање.

Нервозните повици одмагаат

Македонија цела една деценија беше земја на јакобинци. И затоа целиот правосуден систем беше контролиран, корумпиран и искомпромитиран. Првичното попуштање на стегите, по промената на власта, покажа дека истите луѓе (обвинители и судии), во други околности, се однесуваат поинаку. Но, да не се залажуваме – илузијата за јакобинската правда, за откривањето на вистината со соломонски итрини, со брзање и со прескокнување на фази на постапките, без претпоставка на невиност и со евтино морализирање, таа илузија, значи, се уште постои. Ја препознавате во поттекстот на секој нервозен „револуционерен“ повик од типот – па добро, кога ќе ги видиме зад решетки, кога ќе им се конфискувааг парите, кога ќе почне да врти фамозниот бројчаник на Триумфалната капија?

Не сакам да ги коментирам лесно дадените ветувања, како ни објективните отпори од структурите од режимот на Груевски кои ја забавуваат правдата. Но, треба да биде јасно дека во овој момент, новата власт се обидува да го обнови и да го реконструира правосудниот систем, а тоа воопшто не е лесна задача. Затоа, ми пречат тие повици и очекувањата новата власт, ексклузивно, само за една група осомничени и обвинети, да пресудува како итриот Соломон или како трагичарот Робеспјер. Не, драги мои, за власт која претендира да биде демократска и проевропска, револуционерната правда не е опција. Во никој случај.

ПС. Проектот на обновата на порталот Судство (реконципирање, редизајн итн) веќе е поставен на здрави нозе, за кус период од околу три недели. Лавовскиот дел од мојот скромен придонес во тој потфат е окончан и во периодот пред нас, во кој со порталот „суверено“ ќе си „владее“ малата екипа на чело со одговорниот уредник Наумовски, јас ќе го имам задоволството само да пишувам колумни, за кои се надевам дека ќе ви се допаднат.

Жал ми е што некои луѓе, кои се најдоа погодени, како и некои други неинформирани за мојата вистинска улога во проектот, реагираа на кулоарските оговарања со извесна доза на непотребна, иако можеби и разбирлива нервоза. Сакам да ги известам и едните и другите да ме се загрижуваат и дека немам намера да станам судски репортер. А еве, ветувам дека следниот медиумски проект во кој јас и Плусинфо би вложиле дел од нашето know how (кое се цени и ќе се цени!), ќе биде од областа на спортот, да речеме. И таму нема да има ама баш ништо за мојот единствен омилен спорт во кој уживам од детството до денес – скијањето. Поштено?