Василевски не дојде на суд

Пратеникот Сашо Василевски е осомничен дека заедно со други пратеници ги отворил вратите во Собранието, кога се случи упадот во Собранието и беа нападнати пратеници и новинари.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски осомничен за учество во насилствата кои на 27 април лани се случија во Собранието на Македонија денеска не дојдена јавната седница во скопска Апелација на која требаше да се расправа по жалбата за продолжениот притвор. Иако бил уредно повикан од судот, пратеникот решил да остане во истражниот затвор „Скопје“ и нагласил дека неговиот адвокат ќе му каже сé на судот.

Василевски е осомничен дека заедно со други пратеници ги отворил вратите во Собранието, кога се случи упадот во Собранието и беа нападнати пратеници и новинари.

Неговиот адвокат Александар Новаковски пред судот истакна дека е прекршена постапката за одземање на имунитетот и дека судот мора да ја исправи таа грешка.

Тој посочи дека Василевски бил во Бугарија дента кога му било кажано дека ќе биде приведен за тероризам и веднаш, доброволно, се вратил во земјав.

– Претресот во домот на Василевски е извршен незаконски и воопшто не се внимавало на пресумцијата на невиност. Василевски нема намера да бега. Ако тоа го сакал ќе го стореше во изминатите седум месеци. Како гаранција Василевски е подготвен да ги депонира обичниот и дипломатскиот пасош – рече Новаковски.

Инаку одбраната бара укинување на притворот и одредување на друга мерка или Кривичен повторно да одлучува.

Претставникот на Вишото обвинителство рече дека жалбата на Василевски треба да се одбие како неоснована бидејќи постојат околностите поради кои притворот му е одреден.

Новаковски рече дека со Василевски во притвор се ставени 60.000 граѓани кои гласале за него како пратеник. На ова Обвинителката од ОЈО рече дека ваквото тврдење е несериозно.

За денеска се очекува судот да се изјасни по вчерашните барања за домашен притвор за поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, поранешниот директор на МОБ Игор Дурловски, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање и Душко Лазаров поранешен началник за специјалните единици во МВР.

Автор: З.Б.