Новиот јавен обвинител ќе ја испитува истрагата за хеликоптерската несреќа кај Блаце

Семејствата на загинатите сметаат дека истрагата за падот на хеликоптерот има недостатоци

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска денеска изјави дека новиот јавен обвинител ќе ги добие на увид сите извештаи за хеликоптерската несреќа кај Блаце од 2008 година, со кои располага Министерството за Одбрана. Одлуката е донесена откако дел од семејствата на загинатите изразиле критики во поглед на истрагите за причините на падот на хеликоптерот, пренесува Макфакс.

– Ја презедов обврската дека сите податоци и извештаи што се достапни во Министерството за одбрана, ќе му бидат предадени на новиот јавен обвинител доколку сè уште постојат дилеми за кои слушаме за причините што доведоа до трагедијата, изјавила Шеќеринска. Таа воедно положила цвеќе пред спомен-обележјата кај Катлановско Блаце за припадниците на Армијата на Република Македонија, кои пред десет години загинаа при пад на армиски хеликоптер на враќање од мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.