СКАНДАЛОЗНО Банка цензурирала телевизија, новинарите молчат и уста не отвораат

Ниту владата, а ниту новинарските здруженија, засега не изразуваат волја да стават ред и поредок за целиот медиумски простор. А кога ни за порталите не може да најде закон, нека не нѐ чуди тоа што цензурата зема замав, а новинарите не смеат да зуцнат.

 

Деновие во јавноста се шират информации дека ПР-службата на една голема банка се јавувала во една телевизија со национална концесија и по други новинари, со цел да не се објават информации поврзани со нивното работење, кое било под опсервација на обвинителството.

Јавувањата оделе дотаму што фрчеле и лични закани и закани од еден функционер во правосудството, а и ПР-службата се заканувала дека банките нема повеќе да се рекламираат, ако не се остранат некои вести кои биле критички за банката.

Ваквиот скандал остана премолчан од медиумите. Иако со тој притисок де факто е цензуруран еден огромен медиум, со добра репутација, јавноста е ускратена за важна информација, а новинарската фела остана глува на задушувањето на слободата на медиумот.

Во најмала рака, се очекуваше протест пред банката, на кој новинарите здружени ќе испратеа порака дека никој не може да ги цензурира, како и тоа дека платена реклама од спонзор не значи и можност за мешање во уредувачката политика на медиумот. Јавноста секако ќе застанеше на страна на медиумите, бидејќи тие се најдобриот сојузник на јавноста и на вистината. Но, ни од граѓаните немаше никава реакција за овој скандал.

Зошто? Затоа што, за жал, вербата на јавноста во медиумите одамна е изгубена. Политичките партии си го направија своето, но и еснафот дозволи да не се санкционираат таквите појави.

Законската регулатива за аудио-визуелните медиуми веб-порталите не ги третира како медиум, па секој што може да плати регистрација на домејн кој чини околку 650 денари, може да си се нарече медиум. Таквите портали се со сомнителна сопственичка структура и немаат речиси никаква организациска поставеност.

Најчесто се со еден или двајца (не)вработени, кои препишуваат вести од други медиуми или рекетираат поединци против кои шират црна пропаганда. Или, за некој ситен спонзор од типот на сендвичара (спонзорство за бесплатни сендвичи), си тераат пропаганда, дискриминираат или одработуваат разни услуги, неспоиви со новинарската етика и казниви со закон.

Кога ќе се уреди легислативата за медиумите? Порталите се исто така медиуми кои ја информираат јавноста и не се ништо поразлични од електронската верзија на печатен медиум, кој одговара и пред законот и пред судот, а порталите никому и никаде. Без регистриран правен субјект (трговско друштво) во Македонија, кое ќе биде како издавач на порталот, со јасно изразена сопственичка структура и тоа со повисок минимален основачки влог како гаранција за совесно и законито работење, овие парамедиуми шират хаос и опасно го контаминираат јавниот простор.

За жал, ниту владата, ниту новинарските здруженија засега не изразуваат волја да стават ред и поредок во оваа област. А кога ни за порталите не може да најде закон, нека не нѐ чуди тоа што цензурата зема замав, како во случајот со замолчувањето на телевизијата од онаа банка. Како и тоа што новинарите молчат, небаре устите им се сошиени.

Автор: Б.А.